Заев: Македонците не присвојуваа туѓа историја, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил објави дека многу често и подолго време јавно говори за злоупотребата на историјата во политички цели и оти поранешната власт преку обидот за антиквизација успеала да ја скара земјава со сите соседи и цела деценија да ја држат во изолација.

Премиерот преку Фејсбук статус го образложи интервјуто за грчката телевизија Алфа.

„Јас многу често и подолго време јавно говорам за злоупотребата на историјата во политички цели. Така беше и на интервјуто за грчката телевизија Алфа на која бев прашан и одговарав за минатите штетни политики на национализам и антиквизација.

Не може мене да ми се накалемува нешто што не јас, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија го правеа 10-11 години.

Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита и нивните послушници квазиексперти кои тргнаа во медиумска офанзива да оправдаат идентитетски инженеринг.

Не македонскиот народ, туку Груевски и неговата пропаганда спроведоа идентитетски инженеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен.

Спроведоа масивна и масовна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да нѐ скараат со сите соседи. Им успеа цела деценија да нѐ држат во изолација.

И додека врвеа и ги поттикнуваа наводните дебати за тоа кои сме и што сме, нѐ фрлија во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети – ЕУ и НАТО. Го уназадија и блокираа целиот процес.

И додека го правеа тоа, зад таа димна завеса, ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата“, пишува Заев на својот фејсбук профил.

Јас ја вложив целата моја политичка сила за да решам прашања за иднината и за сите идни генерации.

Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и поврзуваат нациите“, потенцира Заев во својот статус на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот