Забрането е Бујар Османи да забранува

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Никој не верува дека Османи навистина може да им забрани на историчарите да коментираат политика и обратно. Ама интелектуалната и политичката навреда доаѓа оттаму што направи „тежок“ прекршок кон принципот на слободата: можеби никогаш нема да кажам ништо, ама никогаш не смееш да ми забраниш да го направам тоа.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи си дозволи јавно да забрани нешто и така да чепне во одамна извојуваната слобода на изразување, искажана во сентенцата: забрането е да забрануваш. „Политичарите да не коментираат историски прашања, историчарите да не коментираат политички прашања“, рече тој.

Еден од веројатно многуте интелектуалци – сега ги има повеќе отколку во целата досегашна историја (видете ги долгите списоци со потписи под отворените писма и петиции) – што се најдоа повредени од ваквата слобода што си ја зел министерот е режисерот Владимир Милчин. Веројатно и логично, зашто тој целата кариера, и уметничка и јавно-политичка, ја има посветено на борбата за отворено општество кое слободата на изразување личен став ја подразбира како врвен приоритет. „Забега министерчево! Порачува сус за историчарите, но и за целата јавност!“, коментира Милчин, со напомена дека со ваквиот став министерот го потсетил на капларите од ЈНА.

Изгледа разбирливо што некој со амбиција – така ни беше опишан Османи – да „направи успех“ во спорот со Бугарија решил да направи ред, да покаже кому каде му е местото. Ако сакаме да стигнеме до целта. И не дека нема аргументи и докази. На пример, Ангел Димитров, копретседателот од бугарска страна во заедничката комисија за историја, не искажал речиси ништо друго, освен политички, поточно политикантски ставови во врска со било кој проблем од тоа што и e работа на комисијата. Ништо помалку „деполитизирани“ не се ни македонските историчари, особено потписниците на актуелните отворени писма. На штета на двете страни. Сега веќе сме сигурни дека учебниците по историја во двете земји главно се пишувани по диктат на политиката сфатена во највулгарна смисла на зборот.

Слободата секој да може да си дозволи да се „меша“ секаде, мислејќи дека знае се, одамна го урна монополот на стручност и компетентност. Ако сега, во ерата на интернетот, може да се каже дека има некаков авторитет во чие знаење и објективност не се сомнева никој, тогаш тоа е г. Гугл. Ретко кој верува во „струката“, особено во историската (да не зборуваме дека по пандемијата експертскиот авторитет на медицинарите е на кислородна поддршка). За политичарите, за нивната стручност и знаење и да не зборуваме. Тоа, се разбира, не ги спречува да решаваат и за работи за кои најмалку знаат – особено за нив – вклучувајќи ја и историјата.

Последица на ваквата „неограничена“ слобода се изгубените „вистински“ ориентири за тоа што е точно, што не. Поточно, изгубената доверба, речиси секој во секого: пациентот не му верува на лекарот, обвинетиот на судијата, граѓаните на полицијата, учениците на учителите, лаикот на научникот, верникот на свештеникот, Никола Димитров на Бујар Османи… А без доверба ниту се изградило, ниту може да се изгради било што, најмалку институција или држава.

Милчин, кој очигледно дека служел војска, знае дека речиси во текот на целиот 20 век бизнисот, па и животот, во цивилизираниот капиталистички свет, беше војнички уреден (по рецептот на Макс Вебер). Распадот на таа хиерархија во која секој си го знаеше своето место и своето знаење отвори огромен број можности за секој поединец. Ама и слобода со која веќе никој не знае што точно треба да прави. Парадоксално – уште една контраиндикација на тој лек против авторитетите – се се поизразените барања за „цврста рака“, за „лидерство“, за „херојство“ во водењето и во извршувањето на јавните работи.

Каде тогаш „забега министерчево“ Османи? Па, во тоа што неговото „сус“ за историчарите и за политичарите може да се чита – како што го прочитал Милчин – како „сус“ за целата јавност. Имено, денеска сите ние што ја сочинуваме таа јавност сме претворени и во историчари и во политичари. И си дозволуваме да се однесуваме така, без разлика што не сме одвоиле ни минута од нашето драгоцено време за проучување на историјата, ниту сме се обиделе да собереме повеќе знаења за политиката. Сепак, решени сме тоа право да го браниме по секоја цена.

Никој не верува дека Османи навистина може да им забрани на историчарите да коментираат политика и обратно. Ама интелектуалната и политичката навреда што ни ја нанесе доаѓа оттаму што направи „тежок“ прекршок кон принципот на слободата: можеби никогаш нема да кажам ништо, ама никогаш не смееш да ми забраниш да го направам тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот