За јавните критики Николоски во Стразбур доби „тајна” осуда од бугарските пратеници

Бугарските пратеници во ПССЕ од ГЕРБ, Георг Георгиев и Деница Сачева реагирале кај претседателот на групата за „тешка повреда на процедурата”, по што Николоски, според нив, добил суспензија на правото да говори во име на ЕПП.

Протест, револт, хистерија, суспензија… Што навистина се случи по говорот на претаникот Александар Николоски во Советот на Европа во кој ја критикуваше Бугарија за неспроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права кои што се однесуваат на Македонците?

-Со години Бугарија одбива да ги спроведе пресудите на ЕСЧП. Има 16 пресуди на Судот кои што се однесуваат на Македонците во Бугарија, а кои не се спроведени. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат нивниот мајчин јазик, им се забранува правото на здружување, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат. Националниот устав и суд не можат да бидат над пресудите од Европскиот суд за човекови права, рече Николоски.

Според него, домашните институции не успеале да ги заштитат човековите права на Македонците во Бугарија, па тие во Стразбур ја гледаат својата надеж за почитување на основните човекови права.

Експресна реакција стигна од бугарската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), односно од пратениците на ГЕРБ како дел од групата на Европската народна партија (ЕПП). Според извори од ПССЕ, тие на состанок на групата остро протестирале кај претседателот на политичката група, Александар Почиеј од Полска, но и до пратеникот Александар Николоски затоа што тој како потпретседател на групата на ЕПП борувал во името на групата на ЕПП и притоа ја критикувал Бугарија. Нивното образложение било дека тоа не е став на ЕПП, а за да се изнесе како став на групата потребно е гласање.

Николоски потврди дека ова се случило, а реакцијата рече дека е само потврда на нивниот негаторски однос кон Македонците.

Членови на бугарската делегација неофицијално велат дека претседателот на групата ја прифатил нивната реакција и им се извинил, а останатите членови аплаудирале на ваквиот потег на Почиеј.

Бугарските пратеници не сакаа да дадат изјава за македонските новинари, но за бугарски медиуми изјавиле дека Николоски направил тешка повреда на процедурата со тоа што во име на ЕПП си дозволил жестоко да ја напаѓа Бугарија. Бугарските пратеници од ГЕРБ, Георг Георгиев и Деница Сачева наводно за ова го известиле претседателот Почиеј по што Николовски добил суспензија на правото да говори во име на ЕПП.

На прашањето на „Слободен печат” колку време ќе трае таа суспензија бугарските пратеници немаат одговор и кусо велат „ќе видиме”. Исто како што немаа одговор и на прашањето зошто никој од нив не зеде збор на сесијата за да возврати на обвинувањата.

Објаснување на случајот побаравме и од групата на ЕПП во ПССЕ, од каде што неофицијално потврдија дека на состанокот имало реакција и расправија, но никој не зборува за суспензија на правото на обраќање во име на групата. Според извори во ПССЕ, претседателот на групата не може да му забрани на потпретседателот да зборува во име на групата.

Николоски на тврдењата на неговите бугарски колеги од ЕПП за суспензија на правото на обраќање во име на групата реагираше со изјава дека Бугарите нервозни направиле инцидент во ЕПП што е доказ на нивната хистерија по изјавата дека Советот на Европа мора да ја казни Бугарија и да и воведе санкции за да ја принуди да ги спроведе пресудите на ЕСЧП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот