За 8 години приходите од патарините се зголемиле за 130 % (ИНФОГРАФИК)- Слободен печат
ВестиЕкономија

За 8 години приходите од патарините се зголемиле за 130 % (ИНФОГРАФИК)

Откако се зголеми цената за овој надоместок во јули 2014 година, ова претпријатие бележи забрзан раст на средствата што ги добиваат од граѓаните за користење на автопатите.

Патарините се „златната кокошка“ на Јавното претпријатие за државни патишта. Во последните 8 години приходите од патарини пораснале за 130%.

Откако се зголеми цената за овој надоместок во јули 2014 година, ова претпријатие бележи забрзан раст на средствата што ги добиваат од граѓаните за користење на автопатите. За само 5 години, финансиите од наплата на патарина се зголемени за речиси 12,7 милиони евра.

Ревизорскиот извештај на ЈП за државни патишта за 2014 година вели дека државата од патарини собрала над 27,8 милиони евра, додека во извештајот за нивното работење од 2018 година стои дека од патарини се инкасирани 40,5 милиони евра.

Прегледот на ревизорските извештаи по години покажува дека државата остварила драстичен пораст на приходот по поскапувањето на патарините од околу 35 отсто во јули 2014 година.

Од некогашната цена од 1,9 денари за изминат километар со автомобил, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ го зголеми износот на надоместокот на 2,58 денари. Ваквото поскапување на патарината ги зголеми приходите на ЈП за државни патишта, но истовремено ги олеснува џебовите на граѓаните веќе петта година по ред, особено на оние возачи кои секојдневно по работа мораат да патуваат во Скопје.

Од Јавното претпријатие за државни патишта веќе излегоа со информација дека електронската наплата на патарините ќе доведе до намалување на цената за овој надоместок од 2 до 7 отсто.

Пресметката на „Мета“ покажува дека граѓаните што патуваат со автомобил ќе добијат минимално намалување на цената за патарина. Ако платат со електронска картичка на патарините меѓу Скопје и Велес, за повратно патување со автомобил ќе се заштедат само 4,8 денари. За плаќање во готовина, цената на патарината изнесува 240 денари.

На релацијата Скопје-Куманово-Скопје, возачите за своите автомобили треба да издвојат 200 денари за патарини. Доколку го користат електронскиот систем за наплата, граѓаните би заштедиле 4 денари при повратно патување меѓу двата града.

Ваквата минорна заштеда на средства нема да ја почувствуваат граѓаните од Гевгелија, кои со изградбата на две нови патарини кај Демир Капија и Гевгелија во иднина ќе плаќаат двојно повисока цена за користење на автопатот кон Скопје.

Ако досега за патарина се плаќаа 360 денари за патување со автомобил меѓу Скопје и Гевгелија, во иднина за оваа услуга ќе треба да се платат 720 денари. Електронската наплата на патарините нема да им значи многу на возачите што патуваат на оваа релација, бидејќи со неа би се заштедиле единствено 14,4 денари при повратно патување.

Од друга страна, за купување на електронската картичка за патарина граѓаните ќе треба да платат по 100 денари, додека тагот како уред за електронска наплата на патарина ќе чини 1.200 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close