Вучиќ точно знае колку оружје имаат Хрватска и Албанија

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера вечер гостуваше во емисијата „Прашалник“ на радиотелевизијата на Србија. Додека тој во живо зборуваше на телевизиската програма, голем број на луѓе, како негови приврзаници, така и негови противници, се собраа пред зградата на РТС. Протестите и контрапростестите минаа со мали инциденти, а Вучиќ час и половина зборуваше на повеќе различни теми.

Во неговото долго излагање, според хрватски „Индекс“, тој посветил многу внимание на вооружувањето, особено за она на Хрватска.

– Србија е мала земја и од сите страни е опкружена со НАТО. Можевте да видите по реакцијата за С400 што сите други искрено и посакуваат на Србија. Јас тоа одлично го знам. Ние ќе градиме пријателства и добри односи, но нема да бидеме „бамби“ за сите да не проголтуваат кога ќе им падне на памет. И повеќе никогаш нема да си ја дозволиме на себе оној вид на одговорност која си ја дозволивме во деведесетите години од минатиот век, да бидеме толку слаби и да не можеме ниту да се обидеме да се одбраниме. Како што гледате, српската војска напредува, Хрватите велат дека Србија станува сила, се жалат – зборуваше Вучиќ, а водителката се уфли и рече дека Хрватите пред три години зборувале дека Србија е најслаба.

Вучиќ се сложи со констатацијата на водителката.

– Така е, пред три години зборуваа дека сме најслаби, сега велат дека сме најсилни. Е, гледате, така е кога некој сериозно работи. Тие велат – Вучиќ паметно купува. Јас не мислам дека е паметно, туку дека купуваме колку што имаме – продолжи српскиот претседател.

Тој рече дека Србија нема амбиции да го купува рускиот ракетен систем С400 бидејќи за тоа нема пари.

Водителката во еден момент го праша за „стравувањата во регионот дека вооружувањето на Србија е закана со агресија кон Хрватска, и дека е опасност за Косово“, што Вучиќ помалку го изнервира, а се осврна токму на Хрватска, почнувајќи да набројува какво оружје има оваа земја.

– Дали е, дали е? А не е закана кога тие набавуваат 16 хеликоптери со „hellfire“ ракети? А не е закана кога набавуваат 16 панзер топови од Германија. А не е закана кога добиваат 300 оклопни возила? Тоа не е закана? Па Србија да биде „бамби“ за колење и да бидеме глупави како што секогаш бевме глупави. Е, Србија не е глупава. Ние никого нема да напаѓаме, никого. И се што набавуваме, набавуваме одбранбено оружје. Ние своето небо нема да го надеме никому, а некого да напаѓаме не ни паѓа на памет. За тоа и не размислуваме. Само размислуваме како да ја заштитиме својата земја – рече Вучиќ.

Тој потоа „се пофали“ дека знае точно колку парчиња на оружје имаат и Хрватска и Албанија.

– Јас сум одговорен човек, сериозен човек. Кога учев, се трудев да научам се што е можно да го научам. Така е и сега. Водам сметка Србија да биде што посилна, тоа е мојата работа. Затоа сум и избран. Сте слушнале ли некогаш да се жалам дека некој ги вооружува Албанците? И Америка и Турција и многу други. Кој ги вооружува Хрватите? И Америка и Германија и сите други. Не се жалам. Велам, само напред момчиња, само напред, работете ја вашата работа. А како што гледате, јас ги познавам до секое парче…Не сакав да ви покажам дека до парче знам што набавиле и како го набавиле, да видите колку сум посветен на тоа како врховен командант – кажа српскиот претседател Вучиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот