Во Украина убиен познат новозеландски војник

Фото Твитер

Министерството за надворешни работи на Нов Зеланд денеска потврди дека поранешниот новозеландски војник Кејн Те Таи (38) е убиен во Украина. Те Таи се борел на украинската страна во војната како дел од Меѓународната легија за територијална одбрана на Украина. Тој е третиот Новозеланѓанец за кој е познато дека загинал во Украина.

За многу Новозеланѓани, Те Таи бил пример за неофицијално учество на земјата во украинската војна. Тој собрал средства за опрема и давал интервјуа во весници пред да замине од Нов Зеланд минатиот мај. Тој продолжил да ги документира своите пријателства, битки и секојдневија на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, пишува „Гардијан“.

Снимката што ја објавил претходно овој месец го снимил моментот кога тој неочекувано се соединил со еден украински пријател кој со месеци го држеле како заложник од руските војници и кого Те Таи го препознал кога човекот почнал да му вика: „Нов Зеланд! Брате мој!“.

Те Таи минатиот април објавил дека ќе ја напушти работата во градежна компанија и ќе отпатува во Украина „за да помогне колку што може“. Самиот тој е еден од многуте странски борци, кои се проценуваат на неколку илјади, кои отпатуваа во Украина откако Володимир Зеленски апелираше странците да се приклучат на одбраната на Украина.

Најмалку осум Британци, седум Американци и четворица Грузијци се меѓу загинатите во војната. Те Таи, кој за време на неговата 10-годишна служба во армијата на Нов Зеланд поминал и низ Авганистан, на социјалните мрежи објавил почит за загинатите членови на Меѓународната легија.

Минатиот месец, тој дал интервју за „Си-Ен-Ен“ како дел од приказната за група која обучува нови регрути во близина на градот Вуледар, разурнат од војната. „Има толку многу емоции во овие борби. Главно затоа што, судејќи според многу од она што го видов, и тие (руските војници) не сакаат да бидат тука“, рекол тој тогаш.

Откако ја напуштил војската во 2010 година, Те Таи ко-основал добротворна организација за поддршка на менталното здравје на ветераните. Министерството за надворешни работи на Нов Зеланд во вторникот соопшти дека е „свесно за извештаите“ дека таму бил убиен Новозеланѓанец, но дури денеска официјално е потврдена смртта на Те Таи.

Амбасадата на Нов Зеланд во Варшава ќе се обиде да дознае повеќе детали, се вели во соопштението. Премиерот на Нов Зеланд Крис Хипкинс вчера изјави дека војната во Украина е „неправедна“ и „нелегална инвазија“, но ги повика Новозеланѓаните да не патуваат таму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот