Во пензија со 69, иако секој петти Германец дотогаш е починат

Portrait of happy old people lying on green grass.,Image: 168854853, License: Royalty-free, Restrictions: , Model Release: yes, Credit line: Mitar gavric / Panthermedia / Profimedia

Во Германија старосната граница за одење во пензија од 2012 година е зголемена на 67 години. Според актуелните податоци, постепеното зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години значи дека сè повеќе луѓе умираат пред да заминат во пензија.

Во 2019 година, 17% од сите починати во Германија немаат навршено 67 години, а 14,4% не доживуваат ниту до 65. Овој податок го сподели германското Министерство за внатрешни работи на барање на пратеничката група на Левицата, пренесува „Ноје Оснабрикер Цајтунг“.

Ако старосната граница за одење во пензија сега се зголеми на 69 години, логично е дека ќе се зголеми бројот на оние кои нема да дочекаат пензија. Во 2019 година 19,8% од сите починати биле помлади од 69 години, односно секој петти.

„Дистрибуција одозгора надолу“

„Бројките се јасни: колку што е повисока старосната граница за одење во пензија, толку помалку луѓе ќе доживеат пензија“, вели Сабине Цимерман од Левица, за „Ноје Оснабрикер Цајтунг“. Со оглед на тоа дека луѓето со помали примања живеат пократко, поместувањето на старосната граница за пензионирање значи „распределба одозгора надолу“. На Германија не ѝ се потребни дебати за понатамошно поместување нагоре на старосната граница за одење во пензија, „туку за намалување на границата на 65 години“, вели претседателката на Одборот за постари лица во Бундестагот. Секој кој оправдува повисока старосна граница за одење во пензија со зголемени очекувања на животниот век, „крие половина вистина“, вели Цимерман.

Просечниот број на години од животот во добро здравје во Германија стагнира. „Многу луѓе не ни дочекуваат да доживеат години за одење во пензија во добро здравје. За нив секое зголемување на старосната граница за одење во пензија значи намалување на сумата за пензија, бидејќи се принудени да се пензионираат порано,“ вели пратеничката од Левицата.

Економските институти: пензија со 69 години

Во април, неколку економски институти предложија зголемување на старосната граница за одење во пензија на 69 години, со оглед на оптовареноста на државниот буџет поради пандемијата.

„Таков чекор би донел двојна корист“, пишуваат овие Институти во пролетниот извештај на Сојузната влада.  Од една страна, би се зголемиле приходите од пензиското осигурување, а од друга сѐ повеќе луѓе би биле достапни на пазарот на труд.

Германија има сѐ помалку население кое е сѐ постаро, вели Оливер Холтемелер, потпретседателот на Институтот за економски истражувања во Хале (ИВХ). Во иднина, разликата меѓу бројот на младите кои доаѓаат на пазарот на труд и старите кои го напуштаат ќе биде околу 400.000 лица помалку на годишно ниво. Економистот предупредува дека тоа ќе му нанесе штета на германското стопанство.

Институтите во пензиското осигурување гледаат важен инструмент за урамнотежен државен буџет, со исклучок на вонредни фактори и неуедначеност на производствените текови, а да не мора да се штеди на важни инвестиции за иднината. Ако тука ништо не се направи, субвенциите за пензиско осигурување ќе растат на штета на други државни трошоци.

„Најелегантното решение би било бавно, постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, бидејќи ќе има двоен позитивен ефект“, смета Холтемелер и додава: „Ако луѓето малку подолго се достапни на пазарот на трудот, тоа ќе ја засили потенцијалната работна сила. А, ќе има ефект на расходите на пензиското осигурување.“

И „Бундесбанка“ за пензија со 69 години         

Германската централна банка, „Бундесбанка“, се изјасни за зголемување на старосната граница за одење во пензија. Досега очекуваниот животен век кој константно расте, подразбира дека и пензијата трае сѐ подолго, а периодот на плаќање на придонеси е константен поради што за нив е логично дека треба да се зголеми старосната граница од 67, образложуваат од „Бундесбанка“.

Од 2021 година воведена минимална пензија

Лицата кои најмалку 35 години уплаќале придонеси, но и покрај тоа имаат ниски пензии, од 2021 година од државата добиваат пензиски додаток. Ваков додаток добиваат и самците, доколку пензијата им е помала од 1250 евра, како и двојките чии пензии се помали од 1950 евра. Се проценува дека пензиски додаток добиваат меѓу еден милион и двесте и еден милион и петстотини илјади пензионери, а тоа ја чини државната каса од една милијарда до милијарда и петстотини илјади евра.

Преземено од „Дојче веле“

[sc name=”dw” ]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот