Во градинките има заболени, но состојбата е стабилна

Фото: МИА / илустрација

Состојбата сега е стабилна, без разлика на тоа што и натаму има заболени работници, е реакцијата на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, по информациите дека некои градинки не работат поради заразени од коронавирус и самоизолирани воспитувачки и вработени.

Шахпаска завчера рече дека 59 нови позитивни вработени и 11 деца се заразени во градинките низ целата земја.

– Таа динамика е константна. Втората седмица во ноември беше пикот во градинките. Родителите веруваат во функционирањето на поставените протоколи во градинките, а за тоа потврдува дека нема ширење на заразата во нив – посочи Шахпаска.

Таа истакна дека епидемиолошката состојба во нашата земја е иста како земјите во околината и во целиот свет.

– Децата сепак се во категорија на лица што се помалку чувствителни на вирусот. Доколку доследно ги почитуваме мерките, носиме маски, се дезинфицираме, држиме растојание, не се групираме, доколку пристапиме на процесот на вакцинација одговорно, ние сите заедно како држава и како свет ќе излеземе брзо од оваа пандемија – порача министерката Шахпаска.

Вкупно 24 деца од три групи се наоѓаат во изолација, во клонот „Сончогледи“ кој е под градинката „Пролет“ во Влае, велат од Општина Карпош за „Слободен печат“, откако претходно се појавија информации за тоа дека во оваа градинка има поголем број деца во изолација поради ковид-19.

Во врска со бројот на заболени, од општината ни потврдија дека засега нема позитивно дете, но заразени се неколку негувателки како и еден воспитувач.

– Според моментните информации, заразени се четири негувателки и еден воспитувач, но нема ниту едно дете позитивно на вирусот – ни рекоа завчера од Општината Карпош.

Родители и од општината Центар реагираа дека поради заболени негувателки во градинката „13 ноември“ во Центар, повеќе деца од различни групи, исто така, се во изолација.

– Поради заразени негувателки, моето дете е во изолација, како и повеќе други деца. Ние не сме информирани колку од нив се заразени и каква е состојбата – вели еден родител за „Слободен печат“, кој сакаше да остане анонимен.

Од Општина Центар за „Слободен печат“ велат дека во градинката имало и позитивни деца, но тие веќе се оздравени.

– Добивме известување дека во „13 Ноември“ имало заболени деца и негувателки, иако не знаеме точно колку, но веќе тие се оздравени и сега состојбата таму е нормализирана – ни одговорија од Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот