ВМРО-ДПМНЕ: Власта да не ја манипулира јавноста дека ќе гради брана на Отиња

Заев, Бочварски и Николов да не ја манипулираат јавноста дека ќе градат брана на реката Отиња, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Власта сѐ уште ги нема решено имотно – правните односи. Експропријација на земјиштето сѐ уште нема. Дали и овој проект треба да заврши како незавршената пруга кон Бугарија?

Граѓаните од Штип, сопственици на имот во месноста каде ќе се протега браната, сѐ уште никој не ги контактирал, да ги извести дека на нивниот имот треба да се изгради брана и вештачка акумулација. Ова единствено асоцира на узурпација на приватен имот од страна на државата. стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, денес претседателот на Владата, Зоран Заев, вицепремиерот, Љупчо Николвски, нинистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов и официјално го означија стартот на градбата, што ќе се одвива во наредните две и пол години.

Премиерот Заев истакна дека оваа е капитална инвестиција, а ја покрена поранешниот градоначалник, а сега министер за транспорт и врски, Бочварски.

– За само две и пол години општината направи подвиг за реализација на проект заглавен во процедури децении наназад. Општината го подготви основниот проект со изработка, ревизија, студија за оценка на влијанието на животната средина, изработен и усвоен Детален урбанистички план, како и позитивно мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжињерска сеизмологија. Потоа следеше и тендерската постапка од страна на Министерството. Инвестиционата вредност на градбата изнесува 306 милиони денари согласно склучените договори за изградба и надзор, рече Заев.

Средствата се обезбедени во Буџетот на МТВ за период од 2021 до 2023 година, а рокот на изведба е планиран и изнесува не повеќе од 30 календарски месеци или две и пол години. Со проектот е предвидено да изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри.

– Придобивките од оваа инвестиција се огромни, се бројни. Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита од градот, од поплави, но и место за рекреација. Ќе се намалат високите летни температури, но и ќе влијае и на зголемување на зимските температури. Дополнително се создава биолошки минимум во коритото на реката Отиња, а ќе се користи и за наводнување на зелените пворшини. Ова ќе биде место за рекреација на штипјани, но и на сите наши граѓани во државата. Ќе биде можност за еден развој на градот во наредните години и децении, вели Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот