Викторија Лоба за „Слободен печат“: Што очекува од новата 2021 година, а по што ќе ја памети 2020?

приватна архива/Instagram

Во пресрет на Новата година, на крајот од „старата“, обично ги сумираме резултатите и извлекуваме одредени заклучоци за следната година. Се потсетуваме на убавите, но и на оние помалку убавите моменти што ги одбележаа претходните 365 дена.

Пандемијата на коронавирусот речиси сите нè запре во новите планови, идеи, желби и надежи. 2020 година за огромното мнозинство од нас, веројатно, барем на моменти, изнесе на површина многу наши тешки емоции и обрасци – страв, загуба, вознемиреност, беспомошност, лутина и сл. Некои од нас оваа 2020 година нè фрли на колена, но истовремено и нè крена, мотивира и охрабри.

Во духот на збогувањето со оваа „пандемиска“ година, познатата македонска пејачка Викторија Лоба се осврна на изминатата 2020 година и на годината која со нетрпение ја очекуваме – 2021.

приватна архива

Викторија Лоба, една од најомилените познати личности, на музичката сцена е присутна од најмалата возраст, уште од 2003 година кога ја претставуваше Македонија на Детската евровизија. Зад неа се многу настапи и награди, таа е и заштитно лице на многу познати брендови, а кога сме кај хуманитарните дејности, се вклучува во секоја кампања од хуманитарна природа и во хуманитарните концерти. Меѓу другото, Лоба преку своите профили на социјалните мрежи, каде што ја следат десетици илјадници луѓе, неретко дава силни пораки.
И таа, како и останатиот дел од светот, се прилагоди да живее во новите услови што ги донесе пандемијата.

Што ја одбележа 2020 година на Вашиот личен план?

приватна архива

– Од мојата перспектива, изминатава година беше тотално непредвидлива и со себе донесе нови досега невидени искуства за мене, верувам и поголемиот дел од популацијата глобално го почувствуваа истото што и јас. 2020 е голем учител и оттука треба да ги извлечеме најважните поуки и лекции. Вака кога контемплирам, доаѓам до спознание кои се најважните лекции што ги научив, а тоа се следниве:

И кога околностите се непожелни важно е да се стремам кон постојана свесност и самореализација, да не се затворам во „школка“ туку напротив да комуницирам, да давам и да примам поддршка, достоинствено да го минам овој период затоа што секако сè е подложно на промени и ова ќе помине.
Многу ми недостигаат сцената и публиката, ми недостигаат луѓето и таа радосна атмосфера, ми недостига музиката и слободата да разменувам љубов на моите настапи, концерти, навистина ми недостига да ги изгушкам сите, но знам дека сето ова е само привремено.

приватна архива

Што очекувате од новата 2021 година?

– Немам посебни очекувања, тоа што ми е навистина голема желба е да се разбудиме сите и поучени од досегашното искуство да погледнеме малку што правиме. Секој еден ако тргне прво од себеси и помисли како може да го подобри квалитетот на сопствениот живот би било прекрасно и многу корисно, тоа е нашата должност сега!

приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот