Вие прашувате – наш психолог одговара: Кога чекам во ред, дланките ми се потат, имам тахикардија

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Современиот живот во 21 век наметна високи (општоприфатени) стандарди на деловен и личен успех. Во напорите да се достигнат овие стандарди, начинот на живот на голем број луѓе стана динамичен, напорен и стресен. Верен придружник на таквиот начин на живот е анксиозноста, која стана составен дел од животот со која се соочуваат значителен број луѓе од ден на ден.

Кога на сето тоа ќе се додаде и пандемијата на коронавирусот, која повеќе две години нѐ држи како заложници, економската криза што сѐ повеќе се заканува, епидемијата на анксиозност продолжува да се шири.

Малку стрес е добар бидејќи ги изострува сетилата и нѐ подготвува за различни предизвици. Но, анксиозноста е нешто сосема друго и тоа е нарушување што буквално може сериозно да го наруши животот на поединецот.

Меѓутоа, со познавање на причините и механизмите, анксиозноста може да биде минлива „болка“ на модерното време.

Со желба да дадеме поддршка и да им помогнеме на читателите во врска со проблемите со кои се соочуваат, нашите психолози одговараат на нивните прашања.

Почитувани,

Би сакал да се консултирам за една непријатност со која се соочувам веќе шест месеци. Имено, имам голем проблем кога чекам ред некаде, без разлика дали е во продавница или кога возам со автомобил во колона. Дланките ми се потат, чувствувам гадење, имам тахикардија и најчесто мислам дека ќе се онесвестам пред сите. За мене тоа е како да преживувам срцев удар, не сум доволно свесен за да распознаам што е тоа што ми се случува во моето тело и глава. Колку и да се обидувам да се спротивставам на тие чувства на страв, не ми успева. Во последно време никаде не одам сам поради стравот да не ми се случи нешто. Вообичаено ја водам сопругата со мене за да ме поддржи и да ми помогне ако почувствувам страв и слабост. Но, и јас и сопругата сме вработени, таа има и други тековни обврски во текот на денот, поради што е невозможно постојано да сме заедно, односно таа да биде постојано покрај мене. Ве молам да ми помогнете, да ми кажете како можам да го надминам овој страв и вознемиреност и да продолжам слободно да живеам и да функционирам.

– Според содржината и начинот на кој ги опишувате своите симптоми, веројатно станува збор за анксиозност и панични напади, кои се можеби и најчести состојби поради кои клиентите доаѓаат на психотерапија во денешното време. Нивната симболика на некој начин го отсликува нашето неизвесно живеење проткаено со непријатност што најчесто не е логична и реалност што најчесто е болна и неприфатлива. Доживувањето најчесто вклучува чувство на лебдење, доживување како да немам на што да се потпрам, како во мојата околина да нема поддршка, нагло прекината нормалност во функционирањето, како да се случила траума што видно го изменила живеењето. Во многу ситуации, ваквите реакции може да се резултат на стресен период или трауматско искуство или да се во склоп на посттрауматско стресно нарушување.

Вие не истакнувате дали во последната година се случиле одредени промени, стресни или трауматски настани што можеби влијаеле врз ваквата состојба. Оттука, во овој момент е многу тешко да се определат причините за болката и страдањето, но она што е клучно е дека анксиозноста и паничните напади имаат конекција со неискажаното. Притоа е многу важно да знаете дека е многу нормално да се доживуваат ваков тип симптоми и реакции кога поминувате низ транзициски период во вашиот живот. Тоа може да започнало од пред шест месеци или од пред неколку години, но поради преокупираност со секојдневни рутини или немање доволно простор и поддршка да биде искажано во околината, не е изживеано и на некој начин преџвакано и асимилирано. Оттука, и покрај тоа што реално поминало време, доживувањето е живо, но се чува во област на нешто што не може и не смее да се искаже. Несвесно се појавуваат ненадејни напади на паника и страв, чувство на несигурност и опасност исто како да доживува криза или траума иако реално тоа не се случува. Индивидуата се чувствува како да нема одбрана, како да губи контрола и како да не може да се справи со ситуацијата.

Она што би ви го советувала е да се консултирате со професионалец психотерапевт, со кого би воспоставиле релациски однос базиран на доверба. Во безбедна околина би можеле заедно со терапевтот да конструирате нова позадина на поддршка и сигурност во „овде и сега“, притоа имајќи целосна свесност за неизвесноста со која се раѓаме и живееме, но и за одлуката и одговорноста за живеење исполнет живот.

Многу е важно во овој процес да се направи диференцијација помеѓу она што е надвор од вас како индивидуа, ова што е внатрешен процес и што е она што се случува на границата на контактот со околината. Воедно да се разграничи што е минато, што е сегашност, а што иднина, притоа имајќи увид каде најчесто сте фокусирани и што е привлечно да се биде во минатото или во иднината наместо во сегашноста.

Особено важна во овој процес е поддршката од вашето семејство и околината. Градењето релациски односи базирани на разбирање и доверба, би било од суштинско значење за надминување на вашиот проблем. Потребна ви е стабилна емотивна потпора особено кога ирационалните стравови се интензивирани и зголемени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот