ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Литванскиот експерт д-р Неријус Малиукевичиус за „Слободен печат“: Справувањето со руските дезинформации за ефикасна борба против авторитарните режими

д-р Неријус Малиукевичиус, литвански експерт за медиуми и кризна и стратешка комуникација/Фото: Слободен печат

Кремљ ги користи сите различни политички практики, користи различни циклуси на избори во различни земји за во основа да спинува наратив дека ова е изгубена кауза за Украина.

Литванија години пред руската инвазија врз Украина е постојана мета на Кремљ од каде се лиферуваат дезинформации и лажни вести со цел да се манипулира јавното мислење во оваа соседна земја која е членка и на НАТО и на ЕУ од 2004 година. Војната во Украина само ја засили руската кампања со дезинформации врз Литванија и вклучи повеќе различни канали за пренесување на лажните вести од Москва. За тоа како Литванија се справува со дезинформациите во студиото на „Слободен печат“ разговараме со д-р Неријус Малиукевичиус, водечки литвански експерт за медиуми и кризна и стратешка комуникација, со геополитички фокус на улогата на Русија и Белорусија по овие прашања.

Koи се главните предизвици за Литванија во врска со дезинформациите во текот на двегодишниот период на водење војна во Украина, руската агресија во Украина?

За нашето искуство со руските дезинформации би нагласил дека се соочуваме со овој налет на дезинформации, не само во последните години по целосната инвазија на Украина. Постојано живееме со овој сосед и со неговото искуство во информативните операции за хибридно војување. Затоа, ние се чувствуваме како да сме во еден вид информативна линија на фронтот и доживуваме можеби само еволуција на оваа различна стратегија. Така, сведоци сме како Русија постепено ги трансформира информациските операции од традиционални медиуми во нов тип на медиуми.

Значи, во основа, сѐ повеќе и повеќе апликации за социјални мрежи се користат во агресивни операции, особено поврзани со руската агресија во Украина. Тие се обидуваат во Литванија да поттикнат во основа негативни ставови кон Украинците кои најдоа засолниште во земјата. Тие се обидуваат во основа да играат на картата на економскиот товар што Литванија треба да го плати за Украина да биде победничка.

Но, би нагласил дека во Литванија поддршката за отпорот на Украина е енормно висока. И во овој поглед, за Кремљ е тешко нформативното поле навистина да манипулира со ваков вид на јавно мислење.

Она што ме загрижува повеќе е изборниот циклус што ќе го имаме во Литванија.

Ќе имаме три избори, тоа се изборите за Европскиот парламент, парламентарните избори во Литванија и претседателските избори. И ова ќе стане фокус на информациските операции. Значи ова е веројатно најголемиот предизвик за оваа година од наш аспект.

Како литванските државни власти, медиумите и невладините организации се справуваат со дезинформациите и лажните вести. И какви импликации имаат граѓаните врз нивното секојдневие? Има ли паника, неизвесност во секојдневниот живот во Литванија?

Ако зборуваме за крајности, нема паника. Дефинитивно Кремљ би сакал да игра на оваа карта на стравови и паника, но литванското општество е многу мобилизирано. Би рекол дека ова е резултат на нашиот пристап кон справување со дезинформациите. Сите актери во граѓанското општество и институции ја играат својата улога во справувањето со руските дезинформативни операции. И ова е веројатно најважната лекција од нашето искуство, дека граѓанското општество треба да ја игра својата улога. Граѓанските невладини организации во основа вршат многу важна работа на разоткривање, следење на кампањите за дезинформација и така натаму. Медиумите се енормно важен филтер кој во основа е еден вид одбранбен информативен екосистем од лажни вести и дезинформации. Значи, компетенциите што ги имаат новинарите се многу важни кога се обидуваат навистина да ги проверат изворите, да известуваат за настани и слично и да ги неутрализираат сите тие кампањи за дезинформации во медиумска средина.

Мислам дека уште еден многу важен слој во овој пристап на целото општество се институционалните способности и институционалната координација на компетенциите за стратешка комуникација. Но, во основа, во Литванија во последниве години воспоставивме Национален центар за кризен менаџмент под литванската Влада кој ги координира сите активности на различните институции што се справуваат со дезинформациите. Ова е многу важен аспект каде постои владина координација на овие активности.

Дали има некакви импликации од Русија и нивните извори на дезинформации врз глобалната безбедност и стабилност, на глобално ниво?

Дефинитивно гледам дека Кремљ инвестира огромна сума пари, напор и ресурси за да ги искористи тие операции со малигни влијанија, пропаганда и дезинформации за да имаат ефект генерално на Запад, па дури и на глобално ниво. Во случајот на руската агресија во Украина, една од главните цели што ги има Кремљ е западната поддршка на Украина воена, економска… и со сите расположливи средства се обидува да ја деградира оваа волја за поддршка на Украина. Тие ги користат сите различни политички практики, користат различни циклуси на избори во различни земји за во основа да спинуваат наратив дека ова е изгубена кауза за Украина. Не треба да плаќате пари, вие губите пари наместо да инвестирате во вашата земја. И наративот продолжува и продолжува. И ова веројатно е една од главните цели на Кремљ.

Да се демотивира народот, граѓаните…

Точно. И да се најдат политички сојузници внатре во различни земји кои ја поддржуваат оваа агенда. Но, јас го гледам проблемот уште поглобално. Тоа не е само Русија и Кремљ, тоа е во основа авторитарен сојуз на различни режими. Кина исто така. И други авторитарни лидери кои се обидуваат да користат ваков вид на алатки за да ги остварат своите цели. Ако станеме поефикасни во справувањето со дезинформациите од Русија и Кремљ во исто време ќе станеме поефикасни во борбата против кои било авторитарни операции за влијание. Згора на тоа има политичко манипулирање од финансиски тип, базирано на дезинформации за здравството на пример. Нашиот имунитет се гради заедно со нашите искуства. Па така, ова е многу важна лекција.

Значи, во оваа војна, со овие информации, можеме да го видиме победникот од битката со дезинформациите?

Одлично прашање. Јас би бил дури веројатно провокативен со мојот одговор.

Имаше победник за време на Студената војна меѓу западот и истокот, меѓу Соединетите Држави и Советскиот Сојуз во оваа голема идеолошка битка, а Советскиот Сојуз ја загуби оваа идеолошка, пропагандна борба. И мислам дека сме во слична ситуација кога демократиите се цел на авторитарни лидери, а демократиите треба да возвратат со нивниот наратив, со нивната отпорност кон таквите операции со малигно влијание. И не можеме да победиме во борбата ако не заземеме став за ова. Така, од демократските држави ставот би бил да бидат поефективни, попроактивни за нивната стратешка комуникација. Ова е важна лекција.

Ќе гостувате во Скопје. Ќе имате работилница во Скопје за овие дезинформации. Па каква препорака ќе кажете за Македонија и како нашите граѓани да одолеат на дезинформациите и лажните вести? Што можеме да направиме во Македонија?

Па, прво, доаѓам во Северна Македонија не само да поучувам и проповедам. Доаѓам кај вас исто така и да научам. И, колку што знам, веќе имате многу важни искуства во справувањето со дезинформациите, како што знам дека имате важни иницијативи за медиумска писменост во вашите училишта и така натаму. Така што ова го гледам како еден вид соработка. Ќе го споделам нашето искуство од Литванија и ќе ми биде драго да слушнам за вашите искуства во борбата против дезинформациите. И ова е веројатно главната порака што ја имам. Можеме да се бориме против руските или кинеските дезинформациски мрежи само со нашата сопствена соработка, нашата сопствена способност, да создадеме сојузи во оваа борба, бидејќи ако бидеме сами веројатно ќе изгубиме. Но, ако сме заедно ќе ги зацврстиме нашите демократии, нашите изборни процеси и тогаш ни е судено да победиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот