ВИДЕО: Жителите на Турско Рудари го блокираа локалниот пат: Ни ја земаат водата што за нас значи живот

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од пробиштипското село Турско Рудари одамна заминале Турците. A и рударите што живеат таму главно се пензионирани. Дел од нив го блокираа приодот кон нивното село за да го изразат својот протест против изградбата на малата хидроцентрала на планинската река Шталковица во атарот на нивното село.

„Минатото лето вода течеше колку една рака. Со саати не можеше да се навади ниту една бавча, а сега сакаат и таа вода да ја снема“, ни рекоа селаните застанати покрај на асфалтот на селското џаде.

Се чини дека овој пат блокадата не беше успешна, бидејќи од реката допираше бучењето на багерите – градежните машини веќе наголемо работеа само стотина метри подалеку, до брегот на Шталковица. „Од утре веќе нема да поминат“, се слушаат коментари од присутните.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во селото има стотина души. Земјоделието им е основен начин на егзистенција. Нивите и бавчите во овој ридски крај се мали, збиени, блиску до реката што за нив значи живот. – Некогаш по цела ноќ дежураме за да можеме да ги навадиме, еден по еден, бидејќи вода има малку и бавно оди по вадите – велат селаните.

Нема земјоделие ако ни ја земат водата

Садиме компири, пиперки, грав… Без вода сѐ ќе се уништи, вели чичко Белчо Ѓорѓиев. Неговото повеќечлено семејство се прехранува од нивчињата покрај реката Шталковица, чии води доаѓаат од повисоките предели на Осоговските Планини.

– И да ми дадат пари, парите ќе ги изедам, ама на внуците и правнуците што ќе им оставам? – прашува чичко Белчо, кој бил рудар, а сега е во пензија.

Тој раскажува како се мачеле и на раце носеле цевки и машини за да го изградат селскиот водовод на почетокот на осумдесетите години од минатиот век, а тој, како искусен во работа со дупчалката, дупчел за да ја најдат водата.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Јас, како искусен во работа со дупчалката, дупчев за да ја најдам водата. И сега некој доаѓа и не само што ни ја зема реката, туку и преку водоводот што сме го граделе сакаат да копаат. Не може тоа така, ова е ајдучка работа! –  се лути Белчо.

Не знам дали разбираат луѓето што не се од селото што се подготвува тука, вели Љупчо Стојанов, претседател на месната заедница Турско Рудари.

– Една прекрасна река што со илјадници години течела низ овој крај, некој сака да ја стави во цевки, долги два и пол километра, да го исуши речното корито и тоа да го направи само за приватен бизнис! Да се работи за општо добро, па и да се согласиме да ја жртвуваме реката за доброто на сите, ама ова е на штета на сите, за корист на поединец – вели Стојанов.

Селаните се директно засегнати од затворањето на реката што за нив значи живот, а воопшто не се прашани дали сакаат да се прави мала хидроцентрала и дали можат да преживеат ако се изгради.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Општината беше затечена од вестите дека ќе се гради хидроцентрала на Шталковичка Река, го дознав тоа во телефонски разговор лани, вели градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.

– Како градоначалник прашувам: кога Владата решила да ги прогласи Осоговските Планини за заштитено подрачје, а добар дел од тоа подрачје е во границите на Општина Пробиштип? Како е можно инвеститорот на малата хидроцентрала да ги добие сите можни дозволи и концесијата од државните институции и да стаса до тоа да бара градежна дозвола од нас, а не е воопшто земено предвид нашето мислење? Како да постапам јас сега како градоначалник, како да го испочитувам негативното мислење и отпорот на моите сограѓани, а да не бидам обвинет за несовесно работење – прашува градоначалникот.

Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Инвеститорот ја добил концесијата во 2016 година, а претходниот градоначалник дал негативно мислење за изградба на малата ХЕЦ.

Државата морала да ги праша селаните

Дел сме од едно заштитено подрачје, зошто тогаш да се уништува реката, категорична е и Светлана Станојковска од Советот на Општината, која беше присутна на протестот.

– Министерството за животна средина има обврска, според Законот за животна средина и Архуската конвенција, во постапките за изградба на хидроенергетски проекти точно да ја идентификува засегнатата јавност и да ја вклучи истата во раните фази на постапката – вели Евгенија Крстевска, адвокат специјализиран за водно право.

Таа додава дека во овој случај, МЖСПП треба да ја поништи дозволата за користење на водата и доделената концесија, бидејќи месната заедница, спротивно на законот и конвенцијата, не била воопшто консултирана.

„ДИС Енергија“: „Ќе градиме, ова е многу профитабилен бизнис!“

Не станува збор дали ќе ја изградиме, туку колку брзо ќе ја завршиме, вели Влатко Тоневски, претставник на „ДИС Енергија“ ДОО, концесионерот на малата хидроцентрала на реката Шталковица, во разговорот за „Слободен печат“.

– Се работи за многу скап проект, за кој ги имаме сите потребни одобренија кои од нас се побарани, почнувајќи од концесискиот договор, склучен со државата, и сѐ друго што е побарано од нас – вели Тоневски.

Не била наша обврска да го консултираме локалното население, но морам да кажам дека, сепак, ние комунициравме со дел од нив, вели тој.

– Еден селанец ни ја продаде својата нива и ние таму веќе почнавме да работиме. Ќе работиме законски, ќе внимаваме и на биолошкиот минимум и на селскиот водовод – додава Тоневски.

Тоневски не сакаше да каже за колкава инвестиција станува збор, ниту кој е сопственикот и најави дека неговата фирма е при крај со процедурата поврзана со изградба на мала хидроцентрала и на Мала Река кај Кочани. Нивната трета концесија во Радовишко ќе почне да се гради малку подоцна.

– Ова е многу профитабилен бизнис – вели претставникот на концесионерот на Шталковица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот