ВИДЕО | Заев: Овде во Ранковце ќе бидат поставени дел од 69те ветерници на најголемата инвестиција на германската компанија „ВПД“

Зоран Заев / Фото: СДСМ

Овде во Ранковце како и во соседните општини, ќе се гради 415 мега-ватна ветерна електрана од страна на германската компанија „ВПД“ – инвестиција вредна 500 милиони евра, најголема гринфилд инвестиција во историјата на македонската економија, порача претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на денешната средба со граѓаните на Ранковце.

– Ќе се постават вкупно 69 нови ветерни турбини. Тоа е за четири пати повеќе од оние 16 турбини поставени долж границата со Република Грција. Овде ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија. Само за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата од вкупно трите блока на инсталиран капацитет од РЕК Битола во најдобрите години, рече Заев.

Тој најави дека продолжуваат и инвестициите во здрава животна средина и во економски развој.

– Дополнително, со изградбата на двете 50 мегаватни електрани на приватни инвеститори, како и на две електрани на ЕСМ од по 10 мегаватни, ја трансформираме електраната Осломеј од електрана на јагелн во фотонапонска електрана. Наш врвен приоритет останува влогот во обновливи извори на енергија.

Правиме струја и од отпадот. Започнува изградба на модерни депонии коишто отпадот ќе го преработуваат во енергија. Со ова трајно ќе ги решиме децениските проблеми на депонии и незаконско расфрлување ѓубре и смет, потенцираше Заев.

Тој додаде дека продолжуваат вложувањата и во чист воздух, чиста вода и чиста почва, субвенциите за инвертери и енергетско-ефикасни фасади, градењето пречистителни станици – проекти кои ќе придонесат за развој на општините во целост, ќе стимулираат нови вработувања, дополнителни приходи и најглавното, подвлече, значат влог во здрава животна средина.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот