ВИДЕО: Трамп на суд во Њујорк, полициска „опсада“ и барикади

Фото: EPA-EFE/Peter Foley

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигна во Њујорк, а полицијата поставила блокади низ делови од градот поради можноста од протести на следбениците на поранешниот претседател.

Трамп e обвинет дека преку својот адвокат на порноактерката Сторми Даниелс ѝ платил 130.000 долари од кампањата за претседателските избори во 2016 година, за таа да молчи за нивната наводна врска.

Како што јави Гласот на Америка, денеска ќе бидат обелоденети деталите од обвинението кое беше поднесено минатиот четврток, а како што претходно објавија медиумите, повикувајќи се на извори блиски до обвинителството, содржи дури 30 точки.

Бидејќи Трамп во придружба на адвокат им се предава на властите, ќе биде снимен – ќе се фотографира, ќе му се земат отпечатоци од прсти и ќе му биде одредена кауција. Според најавите, тој ќе биде третиран како сите „обични граѓани“ кои се соочуваат со обвиненија и се изведени пред суд.

Не се очекува да биде врзан со лисици, а како поранешен претседател на САД ќе ја ужива заштитата на агентите на Тајната служба, а најверојатно денеска ќе биде ослободен.

– Во вторник наутро, верувале или не, ќе одам на суд. Америка не требаше да биде ваква – им порача поранешниот претседател на САД на своите приврзаници во порака преку социјалната мрежа Вистина. Во Њујорк, поточно, на Менхетен е опсадна состојба. Кулата Трамп, како и судот, се опкружени со неколку редови барикади бидејќи властите стравуваат од немири како оние од 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот во Вашингтон. Полицијата постави барикади на Петтата авенија:

– Службениците се ставени во состојба на готовност, а одделот останува подготвен да одговори по потреба и ќе се погрижи секој мирно да ги оствари своите права – се вели во соопштението на њујоршката полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот