ВИДЕО | Средба Заев – Борисов: Ако не најдеме решение – генерации Бугари и Македонци ќе се мразат едни со други

Премиерот Зоран Заев, кој денеска е во посета на Софија, утрово се сретна со раководството на партијата ГЕРБ и со нејзиниот претседател Бојко Борисов.

– Работната агенда во Софија ја почнавме со раководството на ГЕРБ и мојот пријател Борко Борисов. Разговаравме дека е многу важно да овозможиме младите генерации да имаат дијалог и разбирање. Не смееме да дозволиме младите да ни се замразат, напиша Заев на „Твитер”.

Заедно со Борисов, во име на ГЕРБ, беа поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева и заменик-претседателот на партијата и поранешен министер за надворешни работи Даниел Митов.

Борисов искоментира пред Заев дека ништо нема да се случи од неговата денешна посета на Бугарија. Лидерот на ГЕРБ го критикуваше бугарскиот претседател Румен Радев и рече дека бугарските власти ќе ги излажат и нема да сторат ништо.

– Ќе имате многу средби денеска. Убеден сум, особено за Радев, дека тие ќе ви кажат оти без Парламент, не може да се работи. Ништо нема да излезе од вашата денешна средба, рече Борисов.

Според него, сегашната привремена Влада на Бугарија ги има сите права и може да преговара со Северна Македонија и рече оти ако сакаат можат да преговараат за нов договор ако не им се допаѓа оној потпишан во 2017 година.

Борисов му ја повтори позицијата на Заев дека младите од двете земји ќе се замразат доколку не се постигне договор.Тој предвидува дека можеби нема да бидат потребни инфраструктурни проекти затоа што никој нема да може да се движи низ нив.

– Ако не најдеме решение – генерации Бугари и Македонци ќе се мразат едни со други. Претпоставувам дека привремениот кабинет на претседателот Радев ќе дезертира и одлуката за европска интеграција на Република Северна Македонија ќе биде оставена на следната редовна влада. Му благодарам на Зоран Заев што ги цени напорите направени од мене и владата на ГЕРБ да ја вратиме темата за европска интеграција на Република Северна Македонија и Западен Балкан на агендата на ЕУ, напиша Борисов на својот Фејбук профил.

Заев се заблагодари за посветеноста на тогашната Влада на Борисов за време на претседателството со ЕУ и средбата во 2018 година и истакна дека во Софија е постигнат компромис со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот