ВИДЕО | Шверцот на мигранти – бизнис вреден 30 милиони евра годишно

Гевгелија Кота 59 / Фото: Слободен печат-Елисавета Бејкова

Силите на Министерството за внатрешни работи, иако познатата Балканска бегалска рута веќе 5 години „официјално“ е затворена, сѐ уште на терен спроведуваат акции за апсење криумчари на мигранти. Според македонските гранични власти, лани се спречени 25.000 обиди на мигранти илегално да влезат во Македонија од Грција. Според официјалната статистика за тој период, 27.445 мигранти биле сместени во регистрираните кампови во Македонија – 1.801 во „Табановце“ и 25.644 во „Винојуг“ пред да бидат депортирани назад во Грција. На границата со Грција покрај македонските полициски патроли, патролираат и полициските сили од земјите на ЕУ како и воените патроли на АРМ. Покрај патролите, граничната линија од Дојран до Пелистер е затворена и со два реда мрежна ограда која е висока три метри и е обвиткана со три слоја „жилет“ мрежа. Сепак, сето тоа не ги спречува мигрантите илегално да влезат во земјава.

– Целата гранична линија е порозна. Најчесто влегуваат преку Беласица, близу Дојран, кај Камен-59 близу Гевгелија, но и преку нивите кои се протегаат на потегот Гевгелија-Богданци. Иако ние 24 часа ја обезбедуваме границата, сепак некои од нив успеваат да ја минат границата. Поставуваат облека и картони врз „жилет“ мрежата и со прекачување ја минуваат оградата. Тие што ќе влезат нелегално во земјава, тоа го прават со помош на криминални групи кои за паричен надоместок имаат помош и од локалното население – велат за „Слободен печат“ од граничната полиција.

Репортерската екипа на „Слободен печат“ при посетата на бегалскиот камп „Винојуг“, кај Гевгелија, забележа дека во дворот на кампот има многу возила, камиони и комбиња со македонски и странски таблички, возила кои се запленети. Со овие возила незаконски се превезувале мигранти. Со дел од овие возила биле превезувани и мигрантите кои ги затекнавме во кампот, кои вешто се криеја од окото на камерата. Меѓу нив има и жени и деца. Иста беше и состојбата при посетата на Транзитниот центар „Табановце“, кај Куманово.

Камп Винојуг / Фото: Слободен печат-Елисавета Бејкова

Додека чекаат да бидат вратени во Грција, од каде што илегално дошле, тие потребните прехранбени и хигиенски продукти, како и облека и обувки ги добиваат од „Црвениот крст“ на Македонија. Некои мигранти, пак, откако ќе се одморат сами или со помош на криминални групи „исчезнуваат“ од камповите и го продолжуваат својот илегален пат кон крајната дестинација, некоја од земјите на ЕУ.

Транзитен центар Табановце / Фото: Слободен печат-Елисавета Бејкова

Сузана Тунева-Пауновска од Црвениот крст на Македонија вели дека нивни екипи на мигрантите во камповите и во граничните реони им пружаат прва помош.

– Од ден во ден варираат бројките на лица на кои од нашите екипи им е пружена помош. Дневниот просек се движи од 30 до 50 лица. Минатиот месец од наша страна помош им е дадена на 1.381 мигрант во граничните појаси, како и на 271 мигрант во двата кампа во земјава. Освен прва помош и храна, ние им помагаме и во остварување на контакт со нивните блиски, а се грижиме и за тие кои ќе изразат желба за азил во земјава – вели Тунева-Пауновска.

Од Јавното обвинителство велат дека безмалку еднаш неделно од полицијата добиваат кривична пријава против поединец или група за шверц на мигранти. Осомничените извршители на кривично-правниот настан од страна на МВР и на ОЈО најчесто се гонат за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“ или за „организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти“.

Цени за преминувањето низ Македонија

Рутата низ Македонија е особено популарна кај мигрантите од Пакистан и Авганистан, коишто користат услуги на локалните криумчари и сонародници. Главните влезни точки се околу Гевгелија и Стар Дојран близу до грчката граница. Мигрантите обично се оставени непосредно пред границата, која што ја преминуваат низ пошумено подрачје. Нив ги собираат криумчари од другата страна и се упатуваат кон север по Коридорот 10, кој води од Гевгелија преку Велес до Скопје, односно Куманово од каде заминуваат за Србија или Косово и тоа преку Старо Нагоричане или Куманово за Србија или преку Чучер-Сандево, Јегуновце или Гостивар за Косово. Сепак, некои мигранти кои влегуваат во Западен Балкан од Албанија ја преминуваат границата со Северна Македонија околу Стење или Струга или подалеку на север кај Дебар. Мигрантите исто така во Македонија влегуваат и од Бугарија и тоа во делови околу Струмица, Берово, Делчево и Крива Паланка.

Изработил: Елисавета Бејкова/Слободен печат

Бизнисот со шверцот на мигрантите кои ја користат Западната Балканска во 2020 година може да се процени дека е во опсег од 19,5 до 29 милиони евра. Сепак рутата Западен Балкан во бизнисот за криумчарење мигранти се смета за нискобуџетна, односно постојат рути кои прават обрт од околу 50 милиони евра годишно. Цени кои се наплатуваат за превоз на баратели на азил и мигранти во шесте земји во Западен Балкан се движат од минимум 20 евра по лице, на пример во Црна Гора за превоз од село до населени места близу до границата со Босна и Херцеговина, до максимум од 500 до 700 евра по возило за преминување на целата територија на Македонија од областа Гевгелија (близу до границата со Грција) до Куманово сè до границата со Србија. Овие податоци ги добила полицијата во разговор со мигрантите кои биле откриени при нивниот обид илегално да ја минат земјава. Тие најчесто патуваат во мали групи од околу 15 луѓе. Патот го наоѓаат преку апликации како „Гугл мапс“ и често ги зачувуваат рутите во нивните телефони со ГПС-координати, а комуницираат преку социјални медиуми, како што на пример Ватсап, Фејсбук и Вибер. Другите се потпираат на повеќе аналогни методи, како што се следење реки или пруги на возови. Најчесто ги користат услугите на криумчарењето кога сакаат да ги преминат границите. Кога е голема можноста да бидат откриени мигрантите имаат тенденција да се движат пеш и обично ноќе. Нив често ги чека од другата страна на границата однапред договорен контакт или хонорарен помагател, како што е возач на такси.

Понекогаш криумчарите користат специјално приспособени моторни возила со двојно дно или со редизајниран багажник. Другите мигранти се криумчарат во багажници од автомобили или со камион, скриени под церада. Повремено, ова се прави со знаење на возачот за надоместок; во други случаи, мигрант влегува во камион или приколка на товарно возило кога возачот не гледа. Во Македонија, има многу пријавено случаи на мигранти кои се обидуваат да скокнат на возови во движење, понекогаш со смртни последици. Криумчарите понекогаш возат непромислено за да не бидат фатени од полицијата. Во една од неколкуте несреќни случаи со мигранти во Македонија во 2020 година е и несреќата во која автомобил со 12 мигранти удри во полициско возило при што двајца од мигрантите загинаа. Мигрантите исто така гинат на железнички шини, или преку контакт со високонапонски кабли или удрени од воз.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот