ВИДЕО | Прашање на неделата со Славе Младеновски: Колкава е довербата во медиумите во Македонија?

Прашање на неделата со Славе Младеновски/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во изминатата недела испитаниците што ги посетија страниците на Слободен печат, Слободна ТВ и на порталот на Слободна ТВ го дадоа своето мислење преку заокружување на еден од понудените одговори на прашањето: Во колкав степен имате доверба во медиумите од Македонија во изминатите 12 месеци?

Резултатите од анкетата на „Слободен печат“

Како што е познато ова е последното прашање од овој циклус при што како читатели и гледачи можеа да го кажат своето мислење на понудените прашања. Во оваа недела испитаниците се изјаснија за нивниот степен на доверба во медиумите во Македонија. Врз основа на добиените одговори може да биде констатирано дека од вкупниот број испитаници повеќе од половина се изјасниле дека нивното ниво на доверба во медиумите е „многу ниско“ и 17.63% се изјасниле дека имаат „ниско“ ниво на доверба.

Оваа популација на испитаници вкупно изнесува 70,11% што говори дека читателите и гледачите се особено претпазливи кога станува збор за содржините што им се презентираат од медиумите. Вкупниот број определени испитаниците што се изјасниле дека имаат „високо“ и „многу високо“ ниво на доверба во медиумите изнесува 4.21% што претставува статистички незначителна вредност во однос на другите одговори.

Истовремено, 25.26% се изјаснуваат дека имаат средно ниво на доверба. Може да се претпостави дека содржината што ја читаат граѓаните ја проверуваат од други извори или повеќе извори со цел да се уверат во веродостојноста и нејзината точност, од една страна и имаат доверба во одреден медиум што го следат во последните 12 месеци, од друга страна.

Институтот за комуникациски студии дава одредена дефиниција која ја презентирам со цел да се разбере што се подразбира под доверба на медиумите.

„Состојба во која што публиката нема сомнеж во медиумските содржини кои што се пренесуваат, особено оние од информативен карактер. Непристрасноста и чесноста, како и почитувањето на другите професионални стандарди и етички норми се битни публиката да биде убедена дека со неа не се манипулира за различни цели“.

Елементите на оваа дефиниција разложени се:
1. публиката не се сомнева во медиумските содржини
2. непристрасност, чесност и почитувањето на другите професионални стандарди и етички норми
3. не се врши манипулирање за различни цели

Како посебно укажување во оваа дефиниција се наведува дека „довербата зависи од заштитата на јавниот интерес, проверувањето на фактите, веродостојноста на изворите и некористење неетички медиумски практики. За на крајот да поентираат дека „довербата се зајакнува со пласирање информации што со својата содржина ги едуцираат граѓаните за развој на демократското општество.

Генерално овие податоци или одговорите на испитаниците укажуваат дека нашата состојба во медиумите е многу лоша кога станува збор за нивото на доверба. Од секундарни извори или други податоци може да забележиме дека неколку фактори имаат влијание врз определбата на граѓаните на кој или кои медиуми може да им веруваат или да имаат доверба. Како прво, регулацијата на она што се подразбира под медиум и неговиот статус во општеството врз основа на законите што ја регулираат оваа материја.

Евидентно е дека под изразот „медиум“ или новинарство може да се стават многубројни активности за кои читателите и гледачите не се должни изворот и содржината што им се нуди да ја перципираат како новинарство. Ова не претставува само технолошко и дигитално решение односно дадена можност што треба да биде искористена, туку исклучиво правно прашање за она што се подразбира под новинарство и медиум.

Со други зборови различни закони ги регулираат овие општествени прашања, а кога станува збор за работата на медиумите тие се посебни и точно се знаат кои закони. Втор фактор е одговорноста и професионалниот пристап на медиумот во објавувањето на содржините со почитување на лепеза од други закони и општествени норми. Третиот фактор што особено влијае врз ниското ниво на доверба во медиумите е објавувањето, непроверени, неточни и лажни вести што создаваат конфузија, нетрпеливост и омраза во општеството, од една страна и доведуваат до одредена финансиска добивка кај медиумот, од друга страна. Крајниот исход, откако граѓаните дополнително се информираат е целосна недоверба во тој медиум од оние што биле предмет на негова манипулација.

Медиумите се „огледало“ на демократијата во едно современо општество. Преку можноста новинарите професионално да ја вршат својата работа ослободени од притисоци од секаков вид за граѓаните да ја добијат објективната информација за состојбите во општеството се градат хумани односи меѓу луѓето. Критиката што се очекува од медиумите и новинарите за лошите тенденции во општеството и за порастот на појави што го разградуваат општественото ткиво, како што се корупцијата, потоа купување гласови за време на избори и други социо-патолошки појави се првиот и најглавниот сигнал јавноста да реагира. Со други зборови, тоа е аларм за сите други надлежни институции да ги преземат оние чекори што се во нивна надлежност да ја испитаат посочената појава или случај и да постапат соодветно според законите.

Во општествена состојба кога постои особено високо ниво на недоверба во медиумите, односно се сомневаат во вистинитоста во содржината што тие ја објавуваат, најголем број субјекти и личности што раководат со институциите се резервирани при преземањето дејствија што би се базирале врз објава на медиум. Ваквиот пристап, каде што постои ниско ниво на казнивост за сторители на кривични дела на долг рок ги подрива основите на демократското општество, граѓаните се сомневаат во институцијата правда и еднаквост пред законите и се применува соодветно прилагодување на новите услови и односи.

Однесувањето на управата на медиумите е само една алка во таквиот систем, каде што се обидуваат да бидат помалку директни соучесници во валканите работи и клиентелистичкиот пристап спрема политичарите и бизнисмените да биде помалку видлив за јавноста. Периодот од пред една деценија останува запаметен како особено негативно искуство и сведоштво во што може да бидат претворени медиумите и во што по сопствена определба се претворија некои медиуми кога власта им дава „купишта пари“.

Сите овие фактори влијаат врз општествените состојби и го креираат јавното мислење кај граѓаните кое за да биде променете основно е промените да почнат од медиумите.

Прашање на кое граѓаните треба да го дадат своето мислење оваа недела гласи:
Кое е вашето мислење за коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, претседател на техничката влада до изборите 2024 година да биде Талат Џафери?
1. многу лош договор
2. релативно лош
3. добар договор
4. многу добар договор
5. одличен договор
6. немам мислење

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот