ВИДЕО: Одбележани 120 години од смртта на Гоце Делчев

Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Со панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со положување цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ од страна на бројни делегации и граѓани, денеска се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

  Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Цвеќе на неговото вечно почивалиште положија претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бројни други делегации.

 Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Претседателот Пендаровски изрази почит за македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Една од нашите најзначајни историски личности, вели тој.

  Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Премиерот Ковачевски по повод денешниот ден истакна дека идеалите на Делчев е патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност.

Тие се и наш патоказ, како прогресивна Влада, којашто посветено работи на изградбата на Северна Македонија во еднакво општество за сите и европски дом за сите граѓани, интегрирани меѓу најдемократските сојузи НАТО и ЕУ, пишува премиерот Ковачевски на Фејсбук.

  Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека делото на Гоце Делчев е посилно од секој удар и секоја поделба.

Денес многумина ќе се присетат, но малкумина јавно ќе го постават прашањето дали државата го продолжува неговото дело … Со власт која има целосно отсуство на родољубие и како никогаш порано со толку многу разнишани темели. Но која било сервилност на власта е помала од големината на неговиот завет. Поклон за великанот, неговата борба за нашата слобода, и неговото дело за ВМРО и Македонија. И да, заедно ќе успееме да ја оправдаме неговата борба. Вечен да е споменот за Гоце Делчев. Да живее Македонија!, се наведува на Фејсбук статусот на Мицкоски.

Фото Слободен печат / Методи Здравев

Почит му оддаде и Христо Христов, негов внук од најмладиот брат. Христов изјави дека овој ден е многу тежок и го опиша како ден на смртта, кога се платила многу висока цена, цена за живот.

На денешниот ден, мојата желба беше да направиме еден мирен и високо-културен проект што ќе вклучува музичари од двете држави кои ќе ги изведат државните химни и деветтата симфонија која во својот последен дел е всушност „Ода за радоста“ химната на Европа, изјави Христов и додаде дека тоа што сега се случува е спротивно на мислата на Гоце дека „светот го гледа како поле за културен натпревар“.

Д-р Александар Атанасовски, професор по византологија на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет изјави дека политиката се има замешано во многу работи па и тука.

-Гоце се родил кога постоела Бугарија како држава. Не можеме да тврдиме дека се борел за независност на Бугарија, кога таа веќе постоела како држава, тој се борел за ослободување на Македонија. Неговата идеја и светот како едно поле за културен натпревар важи и ден денес. Секој има право да го чествува Гоце кога и каде сака. Кој може да ви забрани да чествувате нешто, но кога веќе има датум на раѓање и датум на смрт тогаш пожелно е луѓето од владејачките кругови да изразат достоинство, додава тој.

  Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

На чествувањето оваа година не пристигна официјална делегација од Софија. На 27 април годинава, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, рече дека не е постигнат договор со Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години.

Исто така, во Собранието ќе биде доделена наградата „Гоце Делчев“ за 2023 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката.

  Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Според Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, годинашни добитници на престижната државна награда се проф. д-р Нано Ружин за делото „Балкански иконографии“, проф. д-р Трифче Сандев и д-р Александар Иомин за делото „Специјални функции на фракционо сметање: Апликации на дифузија и случајно пребарување“ и д-р Александар Василевски за делото „Поствизантиски претстави на Страшниот суд од Република Северна Македонија – идејна основа, ликовни извори и иконографска анализа.

Истовремено, во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 120 години од неговата смрт, на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип ќе биде отворено историско катче во рамки на факултетот.

Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта на Гоце Делчев, МВР од вчера воведе посебен сообраќаен режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“.

  Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот