ВИДЕО | Неочекувано откритие: Пронајдени десетици илјади римски монети на брегот на Сардинија

Фото: Принтскрин / Фејсбук

На брегот на Сардинија се појави куп од бронзени монети користени во антички Рим. Се проценува дека има најмалку 30.000 монети кои датираат од четвртиот век, а веројатно 50.000 монети на целиот локалитет, пишува „Гардијан“.

Министерството за култура на Италија, соопшти дека италијански нуркач забележал метални предмети на брегот на Сардинија, што довело до откривање на десетици илјади римски бронзени монети.

Откако мажот ги алармирал властите, нуркачи од Тимот за заштита на уметноста и Одделението за подводна археологија на Министерството за култура биле испратени да го истражат местото.

Монетите, кои потекнуваат од првата половина на четвртиот век, се пронајдени меѓу морската трева недалеку од североисточниот брег на островот во Средоземното Море.

Министерството не го објави точниот датум кога првпат биле забележани монетите, но се знае дека локацијата е во близина на градот Аркаш. Бројот на досега пронајдените монети сè уште се утврдува, бидејќи процесот на сортирање е во тек. Се проценува дека има најмалку 30.000 монети, а се очекува да се пронајдат дури 50.000.

Пронајдените антички римски монети се нарекуваат фолис. Станува збор за бронзени монети кои биле воведени околу 294 година од нашата ера со монетарната реформа на поранешниот римски император Диоклецијан.

Фото: Принтскрин / Фејсбук

Интересно, сите монети се во исклучително добра состојба, што е вистинска реткост. Дури и на неколку оштетени монети сè уште има читливи натписи, се вели во соопштението на Министерството за култура.

Луиџи ла Рока, службеник на Одделот за археологија на Сардинија, вели дека ова откритие е едно од најзначајните откритија на монети во последно време. Според него, тоа е уште еден доказ за богатството и важноста на археолошкото наследство зачувано на морското дно.

Поголемиот дел од монетите се пронајдени во песочната област помеѓу подводната морска трева и плажата, што покажува дека се наоѓале во близина на потонати бродови.

Нешто слично се случи во Девон, Велика Британија во 2013 година, кога од длабочините излегоа 22.888 фолиси. Монетите ги пронашол Лоренс Егертон на само неколку стотини метри од местото на римската вила и воено утврдување кое датира од вториот или третиот век.

Во продолжение погледнете го видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот