ВИДЕО | Миленкоски: Победивме две силни репрезентации кои ќе учествуваат на ЕП 2023

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Најдобрите македонски одбојкари ја совладаа Хрватска, повторно во пет сета, како што беше и на последните два дуела во полуфиналето на Европската лига во 2018 и во 2021 година.

Но, сега во групната фаза од златниот сегмент на континенталното натпреварување на ЦЕВ, а со тоа се пробија на второто место на табелата зад водечката Украина.

Селекторот Јошко Миленкоски изјави дека ова беше еден драматичен меч против Хрватите, какви што очекува да има и на Европското првенство (28 август – 16 септември 2023), дека нема да биде лесно.

– Треба да бидеме подготвени на вакви тешки натпревари. Имаше добри и лоши страни, имавме можности да го добиеме натпреварот и со 3:0, а после се вративме по негативен резултат од 3:1. Кога играат две рамноправни репрезентации, има вакви моменти. На крајот покажавме одреден карактер, одредена смиреност, се фокусиравме во последниот сет, и тоа е она што особено ме радува, затоа што ќе имаме вакви моменти токму на ЕП. Бидејќи немавме пријателски мечеви пред Европската златна лига, токму овие дуели одлучивме да бидат контролни кои ќе ни покажат како можеме да играме против одреден противник, како да ја градиме играта. Има уште доста да се работи, треба да бидеме задоволни, победивме две силни репрезентации кои ќе бидат учесници на следното ЕП – вели Миленкоски.

Според нашиот стратег претстојните гостувања ќе бидат тешки, поразите и победите се составен дел, но во овој момент и не толку важни, приоритет е Европското првенство 2023. Доколку се има вакви игри и со победи, може да се каже дека тимот поседува квалитет, карактер и дека заслужено ќе игра на континенталниот собир со цел да се постигне добар резултат.

Наредните два натпревари Македонија ќе ги одигра на гости во Белгија (10 јуни) и во Хрватска (14 јуни), а ќе бидеме домаќини на Украина во последниот настап во групната фаза на 18 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот