ВИДЕО | Маскиран маж ѝ се заканува на Србија: Вам не ви е грижа за жрвите во Украина и затоа сте наша следна цел

Фото: Скриншот, Јутјуб

Дојавите за бомби во Србија не престануваат – само вчера беа испратени закани за бомби до повеќе од 90 основни и средни училишта. Исто така, и денеска стигна дојава за наводно поставена бомба во трговски центар во центарот на Белград, објави српскиот медиум „Мондо“.

Доказ за тоа дека целата ситуација оди предалеку е и оваа снимка која се појави на Твитер, а корисникот кој ја прикачил се претставува како, наводно, еден од припадниците на хакерската група „Анонимус“.

„Здраво Србијо. Вие активно ја поддржувате Русија во нивните крвави и терористички акции кон Украина. Не ви е грижа за човечките жртви и кутрите украински деца и затоа вие сте нашата следна цел. Би сакал да ви поставам едно прашање: Дали навистина сте олку глупави или не? Но, тоа не е важно во овој момент, очекувајте ја нашата освета поради вашата заслепеност и глупост. Ние сме ‘Анонимус’, не забораваме и не простуваме. Очекувајте нѐ“, се слуша на снимката.

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ оцени дека бројните дојави за бомби во Србија се притисок од странство поради невоведувањето санкции кон Русија.

„Ние даваме отпор 82 дена, ние сме единствената земја во Европа која нема воведено санкции кон Русија, дури и постојано неутралната Швајцарија ги воведе, дури и БиХ ги наметна, и ако за тоа не се прашаа сите што треба да се прашаат. Ние сме единствената земја која не воведе санкции и трпиме огромни притисоци, кои се страшни и секој ден стануваат се потешки, посилни и полоши“, изјави Брнабиќ.

Таа оцени дека дојавите за бомбите се внимателно испланирани и оти тие „сигурно” дошле од странство, што говори и тоа што една од дојавите стигнала до белградскиот „Тропикариум“, за кој повеќето граѓани не ни знаат дека постои.

„Некој погледнал какви може да бидат сите туристички атракции, кај нас тропикариумот е мал и повеќето не знаат за него, што ви покажува дека некој го планирал тоа и дека доаѓа од странство, затоа што ако некој го смислил тоа од Србија, никогаш не би испратил дојава до тропикариумот“, објасни Брнабиќ.

Таа кажа и дека невоведувањето санкции кон Русија е „исклучително скапо“, бидејќи главното прашање за инвеститорите стана зошто Србија сè уште нема воведено санкции кон Русија, а како што истакна, дополнително го забавува натамошниот раст на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот