ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Професор Синиша Наумоски: Ние сме во економска трета светска војна, но ова не е финансиска криза

проф. Др. Синиша Наумоски / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Проблемите во Свис банка во Швајцарија немаат врска со оние во Банката на Силиконската Долина, но потресите во Швајцарија предизвикаа пад на акциите во германската Дојче банк. Сепак, тоа не треба да загрижува бидејќи банката лани ја заврши со најголема нето-добивка од 6,6 милијарди евра

Економската криза со која се соочуваме е различна од светската финансиска криза од 2008 година, потенцира професорот Синиша Наумоски. Тој вели дека неизвесноста не стигнува од негативните случки со банки во Америка и во ЕУ, туку од фактот што „ние сме во економска трета светска војна“.
Наумоски порачува дека граѓаните не треба да бидат загрижени за банкарскиот систем кај нас, тој е стабилен и високоликвиден.

l Што се случи со банката во САД, чиј крах предизвика несигурност кај инвеститорите и страв од евентуално повторување на Големата финансиска криза?
– Овие случувања немаа врска со кризата од 2008-ма. Во периодот на пандемија, во 2020 година, сите бевме затворани, имаше „локдауни“ и кај нас и во Америка. Во Силиконската Долина, каде што беше и лоцирана банката што најави некаква евентуална финансиска криза, Банката на Силиконската Долина се насочи кон клиенти од ИТ-индустријата. Знаеме дека во ковид-периодот беа атрактивни сите оние бизниси што нудеа развој на технологија, дигитална технологија. Така, во 2020 и во 2021 година, голем број компании драстично растат како стартапи во Силиконската Долина. Овие компании станаа препознатливи и омилени клиенти на Банката на Силиконската Долина. Но, особено минатата година, како постпандемиска, комбинирано со случувањата во Украина, имавме инфлаторни движења. Затоа, Централната банка на Америка почна да затегнува, а од друга страна голем број компании во Силиконската Долина што растеа пребрзо почнаа да ги губат пазарите од источните земји и тоа предизвикуваше ликвидносни проблеми. Претходно, кога Банката на Силиконската Долина беше преликвидна, како и сите банки во таква ситуација, своите средства ги вложуваше во хартии од вредност, повеќе од 60 проценти, а ги купија најбезбедните хартии од вредност – државни обврзници на САД. Но, кај обврзниците се случува обратнопропорционален процес од есконтните каматни стапки – кога каматните стапки поради заострената монетарна политика одат нагоре, каматните стапки на обврзниците паѓаат. Нарушената ликвидност и особено криза кај некои стартапи предизвика побарувачка на слободни пари во банката, но таа немаше доволно средства да одговори на депозитните барања на стартапите, и информацијата дека таа ќе се докапитализира за 1,7 милијарди евра, некаде околу 8 март, беше причина за забрзано ширење на шпекулацијата дека таа банка има проблеми. Зачудувачко беше како банка од 200 милијарди евра може да се затвори преку ноќ. Таа банка веќе е минато и предизвика ефекти и на други две помали банки во САД. Но, државата малку несоодветно за таков вид интервенционизам во Америка, веќе ги обесштетува оние што имаа пари во тие банки и кризата веќе се стабилизира.

l Дали случувањата со овие банки во Америка имаат некаква поврзаност со Швајцарската банка?
– Двете банки не се поврзани. Швајцарија важи за бренд за банкарство и како другите би се справиле со криза, ако таа не може. Свис банка со години наназад веќе влече лоши потези и инвеститорите не сакаа да ја докапитализираат. Оваа банка веќе три години покажува лоши резултати и минатата година имаа 7,8 милијарди евра загуба. Во споредба со нив, помладиот конкурент УБС банката што ги купи, беше со драстично зголемено портфолио. Таа ги купи со посредство на Владата и Централната банка на Швајцарија за 3,3 милијарди евра и имаше огромна поддршка од 101 милијарда евра од монетарците и 9 милијарди од Федералниот сојуз на Швајцарија. Тоа се случи околу 20 март и ако немаше поддршка, тогаш ќе имаше сериозен ефект врз Европската централна банка.

l На европска почва, можевме да слушнеме дека двоцифрено се намалува вредноста на акциите на Дојче банк. Македонија е особено осетлива на случувањата во Германија, затоа што имаме значајни економски врски со оваа земја.
– Дојче банк во последните 15 години бележи најголем раст и профит. Таа минатата година ја заврши со околу 6 милијарди евра нето чист профит. Да, имаше пад на вредноста на акциите, но тоа е нормално и е предизвикано од случувањата во Свис банка во Швајцарија и тоа сега се стабилизира.
Што се однесува до поврзаноста со германската економија, повеќе од 70 отсто од компаниите во зоните се германски, но може да се види дека тие се во полна кондиција. Единствената загриженост може да биде од каде да се најдат работници, тоа веќе станува сериозен проблем. Продуктивноста на трудот се намалува 30 години наназад.

l Има ли некаква поврзаност на нашите банки со тоа што се случи со банките во САД и во ЕУ и во каква кондиција се тие?
– Лани комерцијалните банки завршија со рекордна добивка над 157 милиони евра, сите 13 банки имаат заштитни слоеви над потребниот минимум, имаат многу големи слободни ликвидни средства, ако одиме во нивната актива – најголемите 5 банки имаат групна актива над 9,2 милијарди евра и покажаа сериозен раст во овој во однос на претходниот квартал. Во структурата тие се традиционални банки, кои кредитираат физички лица и сериозно добри компании. Имаат и раст на штедење во континуитет од 3 до 5 проценти. Сите 13 банки имаат актива над 11,3 милијарди евра.

Вкупните банкарски обврски кон странство, вклучувајќи и кон САД, не надминуваат 6-6,6 проценти, а на страната на пасивата има депозити што се две третини од граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот