ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Костовски: Недовербата во медиумите доаѓа како резултат на немањето доверба во институциите на државата

Љубомир Костовски/Фото: Слободен печат

Читателите и гледачите на „Слободен печат“ и на Слободна ТВ го кажаа своето мислење на прашањето за доверба во медиумите во Македонија во последните 12 месеци Врз основа на добиените одговори вкупно 70,11% се изјасниле дека имаат „многу ниско“ ниво и „ниско“ ниво на доверба. Вкупниот број определени испитаници што се изјасниле дека имаат „високо“ и „многу високо“ ниво на доверба во медиумите изнесува 4.35% што претставува статистички незначителна вредност во однос на другите одговори. Истовремено, 25.54% се изјаснуваат дека имаат средно ниво на доверба.

– Во почетокот сакам да истакнам дека во оваа анкета учествува население што го чита весникот „Слободен печат“ и ја гледа Слободна ТВ, кое има критички однос во општеството и кое ги следат и другите медиуми според тоа како информираат Според мене, станува збор за таканаречен среден слој или средна класа во македонското општество, која полека исчезнува. Тоа се луѓе со големо искуство во користењето на медиумите и имаат став во однос на довербата во медиумите. Поради недостиг на критички став кај другите медиуми нема да се појават вакви одговори и ако се појават нема да бидат објавени. Ова го истакна Љубомир Костовски, новинар на неделникот Глобус во емисијата на Слободна ТВ.

Граѓаните денес, освен традиционалните медиуми, печатени и електронски често ги користат за лично информирање порталите и социјалните мрежи, а тоа го покажа и едно од прашањата во овој месец што им ги поставивме на читателите.

– Купувањето весник за оваа класа е потреба како што треба леб и млеко и претставува основа на здраво демократско општество. Сегашните навики на младите генерации се користење информатички технологии за информирање што е разбирливо со оглед на времето во кое живееме. Бројот на корисници на современите медиуми од ден на ден се зголемува, – истакна Костовски.

Постојат повеќе фактори што влијаат врз создавањето недоверба во медиумите во Македонија. Оваа состојба е карактеристична во претходните годините за што говорат други истражувања, односно се јавува висок процент на недоверба во медиумите, каков што добивме и ние во нашата анкета.

– Според мене кога се говори за недоверба во медиумите, сметам дека станува збор за недоверба во институциите на државата. Во едно истражување изработено во овој период за доверба во институциите се добиени податоци дека висока доверба граѓаните имаат во верските заедници, потоа војската и полицијата, а средно ниво имаат спрема претседателот на државата. Оцената за сите други институции е мала, односно граѓаните немаат доверба, потенцира новинарот Костовски.

Со ниско ниво на доверба, освен спрема медиумите, граѓаните го оценуваат и правосудството, каде што довербата изнесува помалку од 2%.

– Некогаш се говореше дека медиумите се “седма сила”, како симболичен израз за нивната моќ во едно демократско општество. Губењето доверба во медиумите, доаѓа како последица на губењето доверба во партиите, кои имаат огромно влијание во општеството. Постои препишување или препечатување на информацијата во сите медиуми без да се коригираат и грешките во неа што доведува за уште поголема недоверба во медиумите, истакна новинарот Љубомир Костовски.

Целото интервју со Љубомир Костовски погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот