
ВИДЕО | Емотивен разговор: Принцот Вилијам трогнат од средбата со мајка која ги загубила сопругот и синот
Принцот Вилијам беше видно трогнат додека слушаше за разорните последици од самоубиството во разговор со Ријан Менингс, чиј сопруг си го одзел животот. По оваа трагедија, Ријан основа хуманитарна организација за помош при тагување, а Кралската фондација на принцот Вилијам донира милион фунти за развој на Националната мрежа за превенција од самоубиства, пишува Би-би-си.
Препорачано
Мрежата, која ќе дејствува низ Велика Британија, ќе има за цел подобро да ги разбере причините за самоубиствата и да пружи поддршка на погодените. Принцот од Велс, по повод Светскиот ден на менталното здравје, рече дека сака да изгради храбар, унифициран национален одговор на трагичните, но превентивни случаи на самоубиство.
Во емотивен разговор, снимен со камера, Ријан Менингс му раскажала на принцот дека нејзиниот сопруг извршил самоубиство пет дена откако парот го изгубил својот едногодишен син. Вилијам ја прашал како успеала да го преживее тоа и да продолжи да одгледува две деца.
„Кога ќе погледнам наназад, сè уште не знам како преживеав“, рекла таа.
„За жал, сè уште постои многу стигма околу самоубиството. Дали ја почувствувавте тогаш?“, прашал принцот од Велс.
„Бев прилично изненадена. Никогаш претходно не бев лично погодена од тоа. Тоа беше нешто за што се зборуваше во вестите. Никој не сакаше да зборува за тоа“, одговорила Ријан, по што Вилијам ја прашал што би му кажала на својот сопруг кога би можела.
„‘Зошто не разговараше со мене?’ Тоа се прашувам секој ден. Беше целосно скршен, постојано се обвинуваше себеси. Само би сакала да можам да седнам со него вака и да кажам: ‘Зошто не дојде кај мене?’ Пропушти толку многу радост. Ќе бевме добро. Мислам дека тоа е најтешко – ние би биле добро“, рекла Ријан, а принцот Вилијам изгледаше премногу потресен за да може да зборува.
Ријан го прашала дали е добро. „Извинете, тешко ми е да ви ги поставувам тие прашања“, рекол принцот од Велс. „И вие самите сте искусиле загуба. Животот знае да зададе страшни удари, но со разговор, со надеж, може да се продолжи понатаму“, додала Ријан.
По својата трагична приказна од 2012 година, Ријан ја основала хуманитарната организација „2wish“, за да им помогне на оние погодени од ненадејна или неочекувана смрт на дете или млада личност.