ВИДЕО | Бузалковска: Со добри текстови и претстави публиката неминовно ќе се врати во театарот

Зоја Бузалковска, режисерка
Зоја Бузалковска, режисерка / Утрински брифинг

На редовниот репертоар на Драмскиот театар е претставата „ Чудна случка со кучето во ноќта“, урбаната драма која режисерката Зоја Бузалковска ја постави по текст на Сајмон Стивенс, базиран на романот на Марк Хадон од 2003 година.

„Мора да кажам дека сосема случајно дознав за претставата, интересирајќи се за употреба на новите технологии во театарската уметност, работејќи на една претстава која во тој момент подразбираше проекции и слично и оваа претстава ми беше посочена како пример за врвно дело за употреба на овие технологии, поставено во Лондон. Кога отидов во Лондон побарав да се запознаам со делото, а кога во Скопје почнав да ја работам претставата дознав дека романот е и лектира, што е големо освежување во лектирите кај нас. Тоа е тема што е многу актуелна кај нас во делот со постојнато занимавање со инклузијата на луѓето со посебни потреби. Но, од друга страна не сакам да го нагласувам тој едукативен карактер затоа што можеби го стеснува бројот на луѓе што би сакале да ја видат претставата. Затоа што и самиот автор на романот, Хадон, не бил среќен кога во јавноста излегло дека се работи за главен лик кој е со нарушување од аутистичен спектар и не сакал тоа да биде посебно потенцирано, самиот кажал дека романот не е за попреченост, туку за различност. Нашиов лик не знае да лаже и ова е повеќе претстава за искреноста, довербата, се занимава со светот на лицемерието, лагите. Но, најинтересно од се’ е што станува збор за една претстава – истрага, приказната е на моменти тажна, но исто така и многу забавна, има брзи филмски промени во време и простор“, вели за Утрински брифинг режисерката Зоја Бузалковска.

Улогите во претставата ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева – Вељиќ Таци, Александар Степанулевски, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска. Преводот е на Благоја Бошковски Буцко, а драматург е Александра Бошковска. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимографи се Елена Вангеловска и Раде Василев. Музиката е на Давид Ангелевски.

Бузалковска додава дека кризата со пандемијата задава големи потешкотии не само во подготовка на претставите, туку и во нивниот живот на сцената, но треба да се оди напред со добри текстови и претстави публиката ќе се врати во театарот.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот