ВИДЕО | Андоновиќ: Иран ја одбрани својата чест и се одмазди, Израел засега не размислува да возврати

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор му порачал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД нема да го подржи ниту пак ќе учествува во каков било вид контранапад на Израел против Иран, соопштија денес американски официјални лица.

На 13 април, Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел како одговор на израелскиот ракетен напад изведен на 1 април врз комплексот на иранската амбасада во Сирија, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда.

Во изјавата објавена по иранските напади, Бајден рече дека му рекол на премиерот Нетанјаху дека Израел „покажал значителен капацитет да се брани и да ги порази дури и нападите без преседан“. Во таа изјава, Бајден не спомна дали тој и Нетанјаху разговарале за можен израелски одговор или можно вмешаност на САД.

– Верувам дека Израел има слобода да реагира за своја заштита и одбрана, без разлика дали е во Сирија или на друго место. Тоа е долгорочна политика и така ќе остане, но не предвидува вмешување на САД во овие напади, соопшти администрацијата во Вашингтон.

Портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека САД ќе продолжат да му помагаат на Израел да се брани, но дека не сака војна со Иран и ескалација на конфликтите во регионот.

Овој став на Вашингтон само укажува дека по нападот на Израел врз иранската амбасада, преќутно му беше дозволено на Иран да се одмазди и со тоа да ја задржи својата чест и углед во регионот. Оваа констатација се поткрепува и со начинот на кој Иран го изведе нападот, со дронови кои патуваа и се очекуваа, и со тоа се загуби главниот фактор на изненадување за секоја воена операција.

Дополнително дојде и изјавата на владата во Техеран која соопшти дека два дена пред нападот Иран ги информирал сите земји соседи на Израел, со цел тие навремено да преземат мерки за избегнување на несакани жртви.

Останува да се види дали Израел планира на своја рака да возврати на овие напади, или пак конфликтот повторно ќе биде замрзнат на одредено време.

Јасно е дека Израел е на некој начин заложник на американските избори бидејќи прашање е дали доколку во САД не траеше претседателската трка, администрацијата во Вашингтон ќе беше воздржана за израелските планови за напад на Иран.

Сето ова засега влијае Нетанјаху, на кого му одговара да ги вмеша САД во конфликтот, барем во моментов да се откаже од возвратен одговор на иранскиот напад врз Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот