Вицепремиерски тупаници го кренаа гардот против Антикорупциска!

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) само изминатава недела од тројца од вкупно четири вицепремиери ги доби „епитетите“ некомпетентна, неспособна, дека не ја бива, дека шири дезинформации… За претседателката на ДКСК Билјана Ивановска нема дилема дека власта врши притисок врз Комисијата и преку нападите се обидува да ја попречува нивната работа.

Отвора ли Владата фронт со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако Стејт департментот го стави високиот функционер на ДУИ Рамиз Мерко на црната листа на САД, а амбасадорката Анџела Агелер најави дека списокот на непожелни на американска територија допрва ќе се проширува? Ова е дилемата откако тројца од четири вицепремиери се ставија во улога на ударна тупаница на власта со секојдневни критики кон антикорупционерите. За претседателката на ДКСК Билјана Ивановска нема дилема дека власта врши притисок врз Комисијата и преку нападите се обидува да ја попречува нивната работа.

Само изминатава недела, Антикорупциска од тројца вицепремиери ги доби „епитетите“ дека не ја бива, не е компетентна, дека шири дезинформации и дека не работи. По забелешката на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска дека паушални и неосновани се обвинувањата од ДКСК за нејзино наводно непостапување во случајот со Мерко, првиот вицепремиер Артан Груби оцени дека актуелниот состав на Комисијата не го бива и нема капацитет.

Маричиќ: Должен сум да ја заштитам јавноста од шпекулации

Последната критика до Комисијата стаса од вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој ги оцени како неосновани и паушални наводите дека ја спречил Ивановска да презентира и да ја извести Европската комисија за активностите за борбата против корупцијата. Вицепремиерот дури порача дека е должен да ја заштити јавноста од шпекулации на која било институција, па дури таа да е и ДКСК.

Антикорупциска во одговорот до Груби вчера наведе и дека вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ, на билатералниот скрининг за образование, култура и спорт побарал од претседателката да не ја известува Европската комисија за поднесената тужба за клевета од директорот за млади и спорт Наумче Мојсовски.

На ова Маричиќ експресно реагира дека со ништо не ја попречил Ивановска.

„Не треба да дозволиме процесот на скрининг да биде оцрнет со вакви шпекулации, особено ако се имаат предвид сите позитивни видувања кои ги добиваме за досегашниот тек на истиот и за подготвеноста на нашите делегации. Презентацијата на ДКСК, како главен преговарач, ја доставив пред одржувањето на билатералниот скрининг состанок на седница на Влада и истата беше усвоена без никакви интервенции, што говори за нашата искрена посветеност за транспарентност на целиот скрининг процес, без оглед на содржината“, вели Маричиќ.

Вицепремиерот додава дека за време на самата дискусија по оваа точка во Брисел, негова должност како главен преговарач со ЕУ била да го пренесе ставот дека Владата дава целосна поддршка на сите иницијативи на независните тела за нивно натамошно процесирање од надлежните органи, имајќи го предвид начелото на презумција на невиност.

„Никогаш не сум вршел притисок на никого, и досега и како министер за правда и како заменик претседател на Владата за европски прашања, сум давал безрезервна поддршка на ДКСК и заложба за зајакнување на нејзините капацитети, а со цел поголема ефикасност во она што го работи. Должен сум да ја заштитам јавноста од шпекулации на која било институција, па дури и Државната комисија за спречување корупција. Сето горенаведено, може да биде потврдено не само од присутните претставници на државните институции на билатералните скрининзи, туку и од самата Европска комисија“, реагира Маричиќ.

Ивановска: Мешање во ингеренциите на една институција

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска за „Слободен печат“ вели дека континуираните напади кон Комисијата се притисок и обид за попречување на работата на ова тело.

„Сите искажани ставови на ДКСК во јавноста се темелат на факти. Како и во претходните случаи, така и во овој случај со директорот на Агенцијата за млади и спорт, ние укажавме на состојба која не е во корелација со владеењето на правото, транспарентност и отчетност, за што од директорот добивме тужба за клевета, а за која беше побарано да не се презентира пред Европската комисија. Сепак, презентацијата беше целосно презентирана. Но ова претставува мешање во ингеренциите на една институција, чија работа треба да придонесе за јакнење на интегритетот, за намалување на корупцијата и судирот на интересите. Во таа насока е и нашето укажување на ваквите случаи“, вели Ивановска.

Таа додава дека ќе продолжат да работат во согласност со ингеренциите и дека се надева дека и другите надлежни институции ќе работат со поголема динамика за да се заокружат предметите според правото.

Тасева: Зачестените напади се должат на немоќта на Владата

Поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева смета дека нападите кон Антикорупциска се должат на немоќта и фрустрација на Владата да се справи со корупцијата во своите редови.

„Зачестените напади од власта врз Антикорупциската комисија се должат на немоќта и фрустрацијата на Владата да се справи со проблемот на корупција внатре, кај себе, и немањето волја коренито да се зафати во битката против корупцијата. Не е точно дека Комисијата не работи, но треба да се знае дека таа има само превентивна улога, таа не може да се впушти во истраги. Не работи Обвинителството. Владата, наместо да се расправа со Антикорупциска и недолично да се однесува, треба да седне и да разговара со антикорупционерите, да им овозможи услови за работа и кај себе да работи на воспоставување систем на контрола и интегритет. Власта не е заинтересирана да се справи со корупцијата. Ниту еден од вицепремиерите и премиерите не се покажаа како лидери во борбата со корупцијата. Има само декларативна поддршка за борба против корупцијата, но резултати нема“, децидна е Тасева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот