Ветинг на „Сваровски“и „Луј Витон“ судството! 

Од 20 подигнати обвиненија од страна на СЈО само 4 се со судска разрешница, од кои два  се веќе застарени. Од „Титаник“, „ТНТ“, „Тендери“, „Тврдина“, „Трезор“, „Траекторија“, „Талир“….и други, „абер“ нема. Во меѓувреме се создаде нова афера позната како „Рекет“.

Вината за овие и многу други случаи се поинтензивно се бара во не ефикасното судство или во Обвинителствата.

Се чини дека неуспехот на земјата во евроинтегретивниот процес, но и генералното незадоволство од учинокот на правосудниот систем во спроведување на правдата ги води политичките сили, независно една од друга, кон постигнување консензус по прашањето за т.н. „ветинг“ на судиите и обвинителите.
Власта разочарана од т.н. „Сваровски“ судство, опозицијата од, како тие го нарекуваат сегашното, „Луј Витон“ судство. Заеднички именител им е неефикасноста, коруптивноста и подложноста на политичко влијание.
И за волја на вистината најнезадоволни од судскиот систем секако се граѓаните, кои во анкетите покажуваат дека најмалку доверба имаат во овој дел од поделбата на власта.

Но да нема залажувања, процсот на „ветинг“ не е едноставна работа и тешко дека таа работа ќе се случи до изборите.

Но, што значи „ветингот“? Ако уште на почеток јасно не се дефинира тој поим може да премине кон масовни отпуштања или политички реваншизам.

И покрај решителноста за суштински реформи во судскиот систем, ќе бидат потребни јасни, транспарентни, прецизни и правични критериуми, за воспоставување поефикасен правосуден систем.

Ветингот, како мерка се врзува со индивудуалната одговорност на оние кои се инволвирани во претходни злоупотреби на човекови права.
Оттука, проценката на индивидуалната одговорност, интергритеот на поединецот, преку механизмот на ветинг е да утврди дали претходното однесување и делување на поединецот претставува опасност и е основа за негово исклучување од јавната институција (функцијата).

Процесот на проверка е заснован на главно на три столбови: стручнoст, проверка на имотната состојба, и независност од организиран криминал, корупција и политички влијанија.

Во компаративната анализа што ја има изготвено Центарот за правни истражувања и анализи, кога се говори за примерот на Албанија, се вели дека Согласно законот за проверката, во период од 5 години, е започната процес на проверка на околу 800 судии и обвинители и тоа во однос на нивната стручна способност, моралниот интегритет и нивото на независност од организиран криминал, корупција и политички функционери.

Процената на имотот се смета за главниот фактор кој придонел за појавата на голем број напуштања на функцијата со цел избегнување на постапките.

Имено, оваа компонента бара вршење на целокупна ревизија на имотот, по поднесувањето анкетен лист за имотната состојба, со цел проценување на легитимноста на изворот од кој настанал имотот. А тоа важи за имотот на лицето што е предмет на проверка и на лица кои се во блиска роднинска врска со него.

Проверката на минатото вклучува верификација на пријавите поднесени од лицето кое е предмет на проверка за да се утврди дали лицето има стапено во несоодветен контакт со лица вклучени во организиран криминал.

На крај, со процената на стручноста се врши евалуација на лицето според неговите етички и професионални активности. Во случајот со судиите, тие ќе се оценуваат според нивните вештини за судење, додека обвинителите ќе се оценуваат по способноста за спроведување истрага.

Позитивните ефекти од процесот на ветинг во Албанија:  еден судија во Уставниот суд беше разрешен во март 2018 година, разрешен беше и еден судија од Апелациониот суд, кој исто така беше кандидат за член на Високиот судски совет. Дополнително, тројца судии беа разрешени по донесувањето на правосилна осудителна пресуда против нив. Пет судии беа суспендирани како резултат на кривични истраги покренати против нив, во очекување на правосилна судска одлука; а Високиот совет на правдата одлучи да суспендира тројца судии во Апелациониот суд во Драч (од кои едниот беше Претседател на судот) врз основа на барање од Обвинителство за гонење сериозен криминал, кое води кривична истрага против нив за злоупотреба на службената должност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот