Ванхауте: Одлуката за оставка на Заев е избрзана, политиката на едно ниво не треба да има влијание на друго ниво

Зоран Заев
Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Питер Ванхауте, белгискиот експерт кој беше посредник на ЕУ во постигнувањето на Пржинскиот договор оценува дека премиерот Зоран Заев избрзал со поднесување оставка на функцијата по неуспехот на локалните избори бидејќи претходно не се консултирал за тоа со коалициските партнери. Смета и дека исходот од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво бидејќи локалната и централната власт се две јасно одвоени нивоа на управување.

– Иако добро го разбирам, ми звучи многу чудно што премиерот би решил да поднесе оставка поради разочарувачкиот исход на локалните избори. Во принцип, ова се две јасно одделени нивоа на управување. Исходите од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво. Важно е двете нивоа да се одвојат, бидејќи на севкупната кохезија на политичкиот систем во земјата и е потребна стабилност и граѓаните треба да разберат дека политиката на едно ниво не треба да има моментално влијание на другото ниво. Замислете градоначалниците да поднесат оставки ако се разочарани од резултатот на националните избори. Дополнително, имам чувство дека одлуката на господинот Заев е донесена и јавно објавена пред да се постигне договор во неговата коалиција за ова. Како премиер, никогаш не треба да одлучите да поднесете оставка освен ако вашите коалициски партнери не се согласат со тоа, како и со следните чекори, односно кој ќе ве замени како премиер, наведува Ванхауте во статус на неговиот фејсбук профил.

Според него, во меѓувреме не се потребни предвремени избори, туку земјата да продолжи понатаму со фокусирање на националните приоритети како економски развој, подобрување на здравствениот, на образованиот систем и поддршка за развојот на перспективен земјоделски систем, и секако на надминување на спорот со Бугарија.

– И да, знам дека има потреба од посредување во однос на спорот со Бугарија, но на ова треба да се пристапи на креативен начин, а не да се следат класичните начини на медијација, бидејќи тоа нема да даде никакви резултати. Креативно овде значи различно, со фокус на реалните потреби на граѓаните на Северна Македонија и земајќи ги предвид заедничките интереси на Бугарија и Северна Македонија, како и учење да се разбере минатото и како да се остави зад себе. Време е да гледаме напред и да работиме на подобра иднина за сите граѓани, вели Ванхауте.

Тој заклучува дека проблемите што ги гледа повторно во државата не се исклучива одговорност на едната или другата политичка партија, туку е проблем на системот кој е нефункционален, бидејќи, вели се заснова на клиентелизам (ако гласате за мене, ако ме поддржувате мене и мојата партија, за возврат ќе направам нешто за вас), а таквиот систем е некомпатибилен со функционална демократија, затоа што не ги третира сите граѓани подеднакво.

– Така што сите страни треба да ја стават како врвен приоритет промената на системот на клиентелизам. Да изградиме фер демократија, каде сите граѓани имаат еднакви права и еднаков пристап до услугите, а политичарите ќе бидат во служба на граѓаните. И да не чекаме утре или наредни избори, бидејќи ни избори нема да го сменат системот, туку да почнеме да работиме на ова сега, порачува Ванхауте.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот