Уставот нема да се смени, ако не се „сменат“ Ковачевски и Мицкоски

Фото: СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ / колаж: „Слободен печат“

Премиерот Ковачевски очекува широк консензус со кој Бугарите ќе бидат запишани во Уставот, што е услов за да продолжат преговорите со ЕУ, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски гарантира дека на власта нема да ѝ успее насила, „со пиштол на чело“, да издејствува измени на Уставот.

Премиерот Димитар Ковачевски не планира наскоро да се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, а Христијан Мицкоски не сака средба, зашто вели дека на таа тема се му кажал на премиерот. Ковачевски очекува широк консензус со кој Бугарите ќе бидат запишани во Уставот, што е услов за да продолжат преговорите со Европската Унија, но не прецизира како без опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.

Мицкоски возврати дека на власта нема да ѝ успее на сила, со пиштол на чело да издејствува измени на Уставот. Ова значи дека нема никакво поместување, а камо ли приближување на позициите помеѓу власта и опозицијата. На власта не ѝ помина ни предлогот: уставни измени и избори, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ инсистира само на избори.

– Уставните измени мора да  почнат на експертско ниво за да може граѓаните да видат како ќе изгледаат уставните амандмани и тие ќе ги подготват експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и претставници на партии. Партиите ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи уставните измени се процесираат во Собранието во неколку фази. Во моментов нема лидерска средба и нема да има во најскоро време – рече Ковачевски.

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во телевизиско гостување најави дека широка дебата што ќе биде отворена би требало да заврши кон крајот на пролетта и во почетокот на летото, односно дека мај би бил месецот кога би почнала собраниската процедура за уставните измени.

Лидерот на СДСМ и премиер, Ковачевски, потсетува дека двотретинско мнозинство пратеници е потребно и за други закони.

– Уставните измени не се туркаат и не се протуркуваат туку се гласаат во Собранието. Тие се една од одлуките за кои е потребно двотретинско мнозинство до нашето полноправно зачленување во ЕУ.  Со двотретинско мнозинство ќе треба да се носат измени во обвинителската и во судската сфера, во децентрализацијата… и затоа треба да изградиме широк, национален, политички и општествен консензус дека овие прашања се за иднината на државата. Парламентот има обврска заради граѓаните да носи одлуки со кои земјава ќе стане членка на ЕУ – рече премиерот.

Мицкоски нема намера да учествува во подготовката на уставните амандмани и повтори дека останува на тоа дека решение на проблемот се брзи предвремени парламентарни избори, ако власта прифати и без техничка влада.

– Уставните измени не се ни проблем, оти никој не ги ни споменува. Ако ги прашате граѓаните што им се приоритетите и ако не ги споменете уставните измени, никој нема да ги спомене. Тоа во очите на луѓето не постои, само постои во главите на неколкумина политичари кои и самите не веруваат дека тоа е добро. Тие мислат дека ако насила тераат уставни измени ќе ги спасат нивните кариери и треба секој политичар и пратеник да знае дека уставните измени не се за вклучување на дел од бугарскиот народ во Уставот, туку за спас на кариерите на Артан Груби, Али Ахмети, Димитар Ковачевски и на Бојан Маричиќ. Секој што мисли дека гласа за промена на преамбулата, не гласа за тоа, туку за да продолжи апартхејдот и криминалот. Ова нема врска со ЕУ – смета Мицкоски.

Ковачевски и Мицкоски различно ја толкуваат и последната анкета која покажа дека и натаму опаѓа поддршката на граѓаните за ЕУ.

– Граѓаните сметаат дека ЕУ е наш најдобар партнер. Но, ЕУ треба да ги дисциплинира и да им укаже на сите свои земји членки дека треба да се почитува дигнитетот на македонските граѓани и да го осудува секое негирање, по било каква основа, на било кој граѓанин, на која било институција и аспект на македонскиот народ и на македонското општество. Доколку воспоставиме такво ниво на комуникација во која ќе се почитуваме меѓу себе со сите 27 земји членки на ЕУ, вклучително и со Бугарија од каде што најмногу доаѓаат негативни коментари за различни прашања, тогаш и граѓаните ќе бидат поопределени во однос на ова  прашање – вели Ковачевски.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ анкетата е јасен показател за погрешните политики на власта и дека мнозинството Македонци се против промена на Уставот.

– Македонците акламативно не прифаќаат промена на Уставот, а огромно мнозинство граѓани се против францускиот предлог. Затоа велиме, ајде на избори и секој од политичките чинители нека понуди решение. Со ставање пиштол на глава не се решава овој проблем, нема веќе повторно за уши да ги тегнат во Парламентот. Нема, јас ви гарантирам. Ние седнавме во Клубот на пратеници и кажавме што ни пречи и не гледам што се сменило. До кога Македонија, за да направи чекор кон интеграцијата, ќе треба да го менува Уставот? Па Уставот ни стана пиши-бриши, да му е срам на човек – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

За обвинувањата од власта дека ВМО-ДПМНЕ на средбите со дипломатите ветува промена на Уставот по изборите, Мицкоски одби да коментира и порача дека за тоа чека реакција од дипломатите.

– Ним им кажувам се што кажувам и пред јавноста. Неодговорно е ако велиме дека ние нема да бараме начин како ќе го решиме проблемот. Истото го зборувам и со дипломатите. Каков кредибилитет има Груби и Маричиќ за да им верувате? Се додека промотори се Груби, Ахмети, Бујар Османи, Ковачевски и Маричиќ не само што ќе расте негативното чувство кон ЕУ, туку тоа ќе биде 100 отсто. Не се овие луѓе кредибилни промотори на овој процес. Сакам ова секој да го знае од Брисел, Париз, Берлин, Софија и Скопје – вели Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот