Уставен ќе им пресуди и на Собранието и на изборите

Уставен суд/ Фото: МИА

Во Уставниот суд е поднесена иницијатива за оценување на решението со кое Џафери ги закажа изборите за 12 април, а се очекува и нова иницијатива за одлуката за распуштање на Собранието откако минатиот месец една таква иницијатива веќе беше одбиена од судот.

Јавноста сè уште го држи фокусот на борбата со коронавирусот, но зад сцената веќе со денови се прават обиди како да се расплетка најновиот правно-политички јазол и да се создадат услови наскоро да се одржат десеттите парламентарни избори. „Слободен печат“ вчера објави дека можен изборен ден е 28 јуни и дека патот кон гласањето може да го поплочи Уставниот суд. Се наѕираат две можности – да се стави вон правна сила одлуката на парламентот за самораспуштање, што ја донесоа 106 пратеници, или да се стави вон правна сила решението со кое спикерот Талат Џафери ги распиша предвремените избори на 12 април.

Од Уставниот суд за „Слободен печат“ велат дека деновиве Светскиот македонски конгрес поднел иницијатива за оценување на решението со кое Џафери ги распиша изборите, но сè уште не се знае кога ќе биде разгледувана. Минатиот месец, пак, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за самораспуштање на Собранието, која беше поднесена од Тодор Петров.

 

Ќе се гласа на растојание од два метра

 

Скорешно одржување на изборите вчера најави и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој рече дека на гласањето задолжително ќе биде носење маска и одржување два метра безбедносна дистанца, а кампањата ќе биде без масовни собирања.

– Кампањата ќе почне кога ќе биде ставен под контрола коронавирусот, а намалувањето на бројот на новозаразени и драстичното зголемување на бројот на оздравени пациенти води кон тоа. Факт е дека одржувањето на дистанцата и користењето на заштитените маски ќе останат наше секојдневие и понатаму. Тие мерки ќе бидат дел од целокупните општествени, партиски и  државни активности и ќе бидат дел од секојдневниот живот на граѓаните. Тоа се однесува и на изборниот процес, кој се наметнува по справувањето и ставањето во контрола на коронавирусот и по намалувањето на новозаразените и зголемувањето на бројот на оздравените – рече Николовски.

Иако изборите се наметнуваат како единствено логично решение, за да се дојде до него претходно треба да се надминат многубројни правни нелогичности во кои западна Македонија, откако пандемијата со коронавирусот ни дојде пред два месеца среде изборен процес и распуштено Собрание. Спикерот Џафери тогаш усно одби да ги свика пратениците да прогласат вонредна состојба за да се одложат изборите, со образложение дека го вратиле мандатот, но не напиша акт со кој ја објаснува својата одлука, особено што кај нас веќе се случи во 2016 година распуштено Собрание да биде вратено во живот со одлука на Уставниот суд. Затоа претседателот Стево Пендаровски мораше да ја прогласи вонредната состојба на 18 март за да може Владата со уредба со законска сила да ги одложи изборите и со вакви уредби да води брза и ефикасна борба со вирусот. Претседателот прогласи вонредна состојба од 30 дена по вторпат на 16 април, но навести дека тоа нема да го стори по третпат, а во меѓувреме Џафери ја одби и иницијативата на 35 пратеници да свика собраниска седница, толкувајќи ја како обид за пуч.

Дел од правничката фела се согласува дека распуштено Собрание е мртво и не може да се оживее, но дел се на линијата дека се создадени уставните околности од член 63 став 4, според кои мандатот на пратениците може да се продолжи само во воена или вонредна состојба.

Спасеновски: Има начин да се врати легитимитетот

 

Александар Спасеновски, вонреден професор по Уставно право на Правниот факултет, вели дека државата е во правен и политички ќорсокак поради силните несогласувања помеѓу законодавната и извршната власт, како и помеѓу клучните политички фактори за тоа дали постои уставна основа во вонредна состојба да се свика распуштено Собрание. Тој смета дека постои и треба да се искористи.

– Ваквиот институционален застој го насочува фокусот кон Уставниот суд, кој има воспоставено правна практика за враќање на нарушениот легитимитет на законодавната власт уште во 2016 година. Тогаш, постапувајќи прилично јасно, судот овозможи Собранието да продолжи да работи во согласност со Уставот, иако имаше донесено одлука за негово распуштање – потсетува Спасеновски.

Тој нагласува дека активното функционирање на сите институции е повеќе од неопходно, но тоа треба да се направи на начин на кој ќе се зајакне довербата во институциите и нема дополнително да предизвика конфликти и нови политички поделби во општеството.
Во случајов е важно да се знае дека постои патека како да се врати нарушениот легитимитет.

– Исти се две нешта тогаш и сега. Прво, дека Собранието е распуштено, и второ, дека пратениците треба повторно да се состанат – вели тој.

И извори од Уставниот суд завчера истакнаа за „Слободен печат“ дека најдоброто излезно решение од ваквата ситуација е судот да го поништи самораспуштањето на Собранието. Според нив, одлуката на Собранието за распуштање овој пат е уставна, а решението на спикерот Џафери според кое изборите требаше да се одржат на 12 април, станало неизвршливо.

 

Како се свика распуштеното Собрание во 2016 година

 

За потсетување, на 18 јануари 2016 година Собранието донесе одлука за одложено распуштање на 24 февруари 2016. Потоа, поради несогласувањето на тогашната опозиција, оваа одлука, пред да стапи на сила, беше изменета со нова одлука со која распуштањето се одложи за 7 април, а самите избори беа закажани за 5 јуни. Откако Собранието се распушти, се вклучи Уставниот суд, кој постапувајќи по иницијативата на пратеникот Талат Џафери го воспостави нарушениот легитимитет, овозможувајќи Собранието да се состане. Тоа беше направено во два потега кои се многу важни за денешната ситуација: прво, судот поведе постапка и го запре извршувањето на актите и дејствијата што произлегоа од одлуката за распуштање на Собранието и второ, ја поништи самата одлука за распуштање. Таа интервенцијата на Уставниот суд од 2016 година многу јасно ја определува и траекторијата на моментните предизвици во 2020 година, уште повеќе што има поднесено иницијативи во врска со оваа состојба. Ако на овој начин постапи Уставниот суд, мислам дека ќе бидат отстранети сите пречки за свикување на деветиот собраниски состав – вели професорот Спасеновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот