Уште една можност за професионалните војници со навршени 45 години, ќе можат да работат како пожарникари во против-пожарните единици

Фото: EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Професионалните војници со навршени 45 години добиваат нова можност својата кариера да ја продолжат како пожарникари во против-пожарните единици низ земјата, информираше денеска државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ.

Ова е уште една опција за нив по предложените измени во Законот за служба со кои професионалните војници по завршување на службата во Армијата со 45 години ќе можат да изберат дали да ја продолжат својата кариера во рамките на државната служба или да им биде исплатена отпремнина во висина од 1.000 евра за секоја година во Армијата, односно износ од 20.000 до 25.000 евра, за што неодамна информираше министерката Радмила Шекеринска.

„Министерството за одбрана посветено работи на спроведување на законската обврска околу грижата за професионалните војници коишто со навршени 45 години возраст ја напуштаат Армијата. Од денеска отвораме нова можност за нашите досегашни колеги со трансфер во против-пожарната дејност во Републиката. Шеснаесет поранешни професионални војници својата кариера ја продолжуваат во територијалните против-пожарни единици на работни места пожарникари-спасители и тоа 8 лица ја пополнуваат против-пожарната бригада во Скопје, 5 лица стануваат пожарникари во Кичево, а тројца во општина Валандово”, информираше државниот секретар Николиќ.

Тој додаде дека непречено се реализира и трансферот на професионалните војници и во други органи на државната и локалната власт – во моментот се реализира превземање на професионалните војници и во Управата за извршување на санкции, на работни места затворски надзорници во Казнено-поправните установи во Идризово, Штип, Куманово, Велес. Во тек е и постапката за превземање во судовите низ државата, како дел од судската полиција, а дел од овие поранешни војници ќе останат во рамките на Армијата како цивилни лица.

Грижата за професионалните војници и посветеноста за изнаоѓање на вистинско решение за секој војник кој како припадник на Армијата им служел на граѓаните, ќе продолжи и понатаму, заклучи Николиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот