ВИДЕО: Универзална сала остана „непипната“ цела година, пред лимените тараби граѓаните си направија див паркинг

Фото: Слободен печат

Разрушениот објект на Универзална сала, оставен без никакви градежни активности цела година, без никаква најава дали и кога ќе продолжи нејзината реконструкција и најважно кој ќе ја продолжи, се чини  никого не го засега. Да е поинаку, сите најави, договарања и преговарања, кои се случија уште есента, досега ќе имаа некаква завршница и работите на објектот ќе продолжеа.

Руинираната сала, оградена со лимени огради, претставува тажна слика на она што беше некогаш – култен објект каде се случуваа сите културни настани и концерти битни за скопското живеење. Сега таа не само што ја нагрдува околината, туку скопјани пред неа си направиле и див паркинг. Од страната на булеварот Партизански одреди, каде, кога беа во тек градежните работи, беа исечени заштитните столпчиња за да може од тука да влегува механизација, сега се паркираат возила кога се посетува некое од блиските кафулиња. Очигледно и тоа никого не го засега.

Фото: Слободен печат

Култната сала, која Град Скопје започна да ја реконструира во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, запре кога раководството со градската администрација го презема Данела Арсовска, поради тоа што, како што рече, проект имал грешки и не бил безбеден. Потоа се направија и измени на проектот, но изградбата не продолжи, иако Арсовска вети дека ќе го заврши проектот.

Есенва, откако беше јасно дека реконструкцијата нема да продолжи во брзо време, Министерството за култура покрена иницијатива да ја преземе надлежноста над Универзална сала од Град Скопје и да ја заврши салата. Имаше средби на градоначалничката со министрите за локална самоуправа и за култура, Ристо Пенов и Бисера Костадиновска Стојчевска и наводно работата беше договорена, односно според изјавите дадени по средбата, останаа да се завршат уште некои формално-правни процедури, околу официјално барање, согласност, потписи и слично.

Неколку месеци по таа средба се огласи министерката за култура.

Баравме привремено преземање на ингеренциите во однос на изградбата на Универзална сала, но мора да се запази процедурата. Чекаме од Град Скопје да ни даде увид во состојбата, ама веќе три месеци немаме никаков одговор – рече Костадиновска-Стојчевска во гостување на една од телевизиите.

На последната седница на Советот на Град Скопје, советничката група на СДСМ поднесе иницијатива Министерството за култура  времено да ја преземе  салата од Градот додека не заврши реконструкцијата, но оваа иницијатива не беше ниту ставена на дневен ред за по неа да се расправа. Според објаснувањето на претседателот на Советот, Трајко Славески и претседателот на Комисијата за култура, Страшо Ангеловски, до нив стигнало писмо за намери од министерката за култура, во кое таа барала да се промени инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Влада, односно да се префрли управувањето со салата во периодот додека таа се гради.

 На 3 март и одговорив на министерката и ја поздравив иницијативата и бидејќи станува збор за неколку правни нешта кои треба да бидат усогласени, побарав средба со министерката и очекувам тоа да се случи многу скоро деновиве. После таа средба размислував за свикување седница на Комисијата за култура, во која имаме претставници од сите советнички групи, да го продискутираме сето тоа, да го продискутираме она што ќе го разговараме со министерката и потоа како заедничка иницијатива од Комисијата, значи од сите советнички групи, да произлезе една таква иницијатива. Реконструкцијата на Универзална сала е преголем залак за хранење ситни суети. Затоа да почекаме, да разговараме со Министерството, да ги усогласиме нештата – рече Ангеловски.

До каде стигна договарањето, не се знае. По тој настап на говорница нема информации што се случува и дали Министерството конечно ќе ја добие салата и ќе се зафати со нејзиното реновирање. Како и да е, работите бесконечно долго траат, а салата и понатаму останува вон функција – веќе осма година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот