Уникатната изложба „Нингјо“ ќе ја претстави уметноста и убавината на јапонските кукли

Јапонски кукли „Даири бина“

Амбасадата на Јапонија и Археолошкиот музеј ќе ја прослават 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија со уникатната изложба со наслов „Нингјо“, која ќе биде отворена на први март и ќе трае до 26 март оваа година.

Куклите се незаменлив дел од човековото секојдневие, но може да се каже дека разновидноста и деликатната ракотворба во комбинација со длабока љубов се карактеристични за куклите во јапонската култура.

Изложбата „Нингјо“ ќе претстави сеопфатен вовед за јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, до локални кукли кои ја рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет.

Нингјо значи „кукла“ или „човечки облик“ на јапонски јазик и културата за кукли, која се негува низ годините во Јапонија, во Археолошкиот музеј ќе биде претставена со внимателно избрани 67 кукли поделени во четири категории: „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на нингјо културата“.

Момотаро

Момотаро е херој од јапонските народни приказни за кој се раскажува дека е роден од праска и кога пораснал отишол до островот на Огрите придружуван од куче, мајмун и фазан за да го врати богатството кое Огрите го украле. Во левата рака Момотаро држи колачиња „киби данго“ за кучето, мајмунот и фазанот, кои прифатиле да појдат со него. Дизајнер на куклата е Мацузаки Коико.

Царот Џиму

Царот Џиму бил првиот цар на Јапонија. Куклата ја отсликува легендата пред тој да стане цар, кога во борба со непријателите сјаен златен јастреб слетал на неговото копје и ги заслепил непријателите со што му овозможил победа. Куклата претставува дел од историјата на Јапонија. Дизајнер на куклата е Мочизуки Реикоу.

Кокеши

Кокеши се дрвени кукли од регионот Тохоку, во североисточниот дел на Јапонија. Познати се по тоа што немаат екстремитети и се екстремно поедноставени верзии на човековата форма. Се вели дека овие кукли првично биле создадени во областите на топлите извори пред околу 150 години. Обожавани заради својот едноставен дизајн почнале да се купуваат како подароци од посетителите на топлите извори и многу биле популарни кај девојчињата. Има повеќе од 11 стилови на кокеши и секој од нив има различна шема нацртана на главата и телото. Дизајнери на куклите се Абе Кунитоши, Такахаши Шоко, Иноуе Харуми.

Колекционерска фигурина

Колекционерските фигурини ги претставуваат популарните ликови од игрите и анимациите. Всушност, многу е тешко овие ликови, кои се дводимензионални, да се рекреираат тридимензионално на начин кој ќе им се допадне на обожавателите. Јапонија има неколку производители на овакви фигури кои се со напредни фабрички капацитети. Овие производители се најчесто првите кои ги создаваат ликовите од новите јапонски анимации и игри за да ги задоволат очекувањата на обожавателите од целиот свет. Скулптор на куклата е Токунага Хиронори. (Извор: Јапонска амбасада)

Изложбата е организирана од Јапонската фондација, Археолошкиот музеј и Амбасадата на Јапонија со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 219, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот