УНИЦЕФ: Мора да ги вратиме децата во училиште – но не може сѐ да биде по старо

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Едно дете, еден наставник, еден учебник, едно пенкало можат да го сменат светот.” Зборовите на нобеловката Малала Јусуфзај никогаш не биле порелевантни. За да создадеме подобар, поодржлив, поеднаков и помирен свет, мора да им овозможиме добро, квалитетно образование на девојките и момчињата од целиот свет, се вели во заедничкото мислење на ЕУ комесарот Јута Урпилаинен и извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Фор.

Поради затворањето на училиштата во целиот свет како реакција на пандемијата на КОВИД-19 дојде до страотен прекин на детското образование, при што се погодени над милијарда ученици.

Тие кои се вратија на училиште се соочија со нови предизвици – маски, социјално дистанцирање, недоволен пристап до места каде што можат да мијат раце и стравот од уште едно епидемиско жариште. Освен ова, како што се продлабочува дигиталниот јаз, последниве неколку месеци многу ученици немаа можност да учат од дома. Последователно, заостануваат со материјалот, па враќањето на училиште изгледа уште пострашно и за нив, но и за нивните учители.

Но, од многу аспекти, сепак имаат среќа. Новите предизвици со кои се соочуваат не се ништо во споредба со катастрофалните долгорочни последици од целосното испуштање на образование, особено во најранливите земји и во земјите што се веќе засегнати од конфликти или кризи. Денес, околу шест од десет деца на училишна возраст во светски рамки допрва треба да се вратат во училницата.

-Знаеме од претходните кризи дека кога ќе им се прекине образованието, можно е најсиромашните и најранливите деца воопшто да не се вратат на училиште, па да се изложат на страшни ризици. Може да ги принудат на детски труд, на трговија со луѓе или на сексуална експлоатација. Кога суштинските услуги за здравство, исхрана, вакцинација и заштита на децата се во прекин, поподложни се на недоволна исхрана, болести, проблеми со менталното здравје и малтретирање. А, девојчињата се во поголем ризик од прерано стапување во брак и прерана бременост- велат од Уницеф.

Во толку тешки услови, можеме ли сѐ уште да ја победиме битката за образование на нашите деца? Би одговориле со недвосмислено „да”. Но за ова, како примерни ученици, треба да вложиме уште поголем напор за да ги постигнеме посакуваните резултати.

Земјите-членки на Европската Унија, во рамките на иницијативата „Тим Европа”, покажаа колку моќна алатка е заедничкиот напор кога сакаме да постигнеме подобри резултати. А, бидејќи имаме докажано дека нашите партнерства вродуваат со плод, ЕУ и УНИЦЕФ можат заеднички да придонесат за трајни промени во исходите од образованието во светски рамки.

-Постојат конкретни чекори со кои ќе ги обезбедиме иднините на нашите деца. Чекори што ќе се надоврзат на досегашните залагања и ќе се расцутат во нови, иновативни насоки. Ова значи да се вложи сега за најранливите деца да можат повторно да влезат во образовниот циклус. Ова значи да се осигуриме дека училиштата им се безбедни и дека наставниците можат да им ги задоволат потребите. Ова значи да ги преобликуваме образовните системи за децата да го завршат училиштето со вештини потребни за во 21 век, подготвени за новиот свет што ги очекува- велат од Уницеф.

Во последно време забележуваме впечатливи промени, потенцираат оттаму, бидејќи многу влади овозможуваат образование преку интернет, на телевизија, на радио и преку мобилен телефон. На пример, во Сомалија, лекциите што се снимени офлајн ги закачуваат на таблети што работат на сончева енергија и така им стануваат достапни на децата. Во Киргистан, децата имаат пристап до учење од далечина преку онлајн платформи, три национални ТВ-канали и две апликации за мобилните мрежи бесплатно. Во Виетнам се отстранети одредени тестови и модули од наставната програма, а други тестови и модули се одложени за наредната година, за учениците да можат да го надоместат тоа што го учеле целата наредна година, а и за да се амортизира академскиот притисок и психосоцијалниот стрес.

Оттаму истакнуваат дека, се наѕираат никулците на закрепнувањето. Сега е моментот да ги негуваме. Сега е моментот повторно да ги осмислиме образовните системи, да ја прифатиме технологијата, да ги отстраниме пречките за најсиромашните и да им дадеме на сите деца еднаков пристап до модерните образовни системи.

-Тука спаѓаат иновативните пристапи за менторство и стажирање за да се премости преминот од образование до пазарот на труд. Децата мора да се оспособат со вештини за 21 век, како што се дигиталните вештини и обука за претприемништво. Тимот Европа е подготвен да ја одигра улогата до крај. Подготвеноста е одраз на тоа што веруваме дека образованието има највисок приоритет во планирањето на чекорите за закрепнување од КОВИД-19. Образованието е стожер во општеството за да може да напредува во приоритетните области на ЕУ: вработеноста и порастот, технолошките напредоци, еднаквоста, позелените економии. Од огромниот напредок во земјите-партнери изминативе дваесетина години, со помош на големите инвестиции, согледуваме како со образованието може да обезбедиме излез од сиромаштијата и кризата, а да се насочиме кон просперитетот и доброто владеење, оспособувањето на жените и подобри исходи во поглед на здравството и исхраната- се вели во заедничкото мислење на ЕУ комесарот Јута Урпилаинен и извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Фор.

Образованието е од суштинска важност за човековиот развој, што е основа на сите инвестиции на ЕУ во меѓународната соработка, а ова ќе биде зајакнато со нашето финансирање на развојот следниот период.

-И навистина, буџетите за образование мора да бидат заштитени од кратење како што нѐ зафаќа глобалната криза. Образованието мора да се смета за дел од планот за закрепнување од КОВИД-19: место да се пренаменат средствата наменети за образованието, потребни се дополнителни инвестиции за да се зајакнат образовните системи. Подобрата повторна изградба се однесува на образованието како и на сѐ друго. Поради размерот на кризата е потребна глобална, координирана реакција; ЕУ и УНИЦЕФ имаат намера да ги предводат таквите мерки. Образовната заедница мора заеднички да развие глобален план за акција, за да се овозможи рамноправно и квалитетно образование за сите. Ова ни е единствена шанса во нашата генерација да ја надминеме кризата што се случува еднаш во генерација со поинаков пристап, т.е. да изнајдеме решение за нееднаквоста со помош на поодржливи општествени системи. За да го изведеме овој огромен потфат мора да ни биде јасно дека не може сѐ да биде по старо. Ако ги извлечеме правилните поуки сега, ќе можеме навистина да изградиме подобро утре – за нашите деца и за нивните деца- стои во мислењето.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот