Улица „Изгубено време“

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Основната потреба една улица да има име, наместо само катастарски број, се состои во тоа жителите, но и посетителите на одреден град или поголемо населено место полесно да се ориентираат. Сосем друга приказна е начинот на кој се именуваат улиците.

Пред неколку дена од управата на Град Скопје соопштија дека ќе се даваат нови имиња на веќе постојните улици, меѓу кои се најдоа и симпатични предлози како „Дејвид Боуви“, „Квин“, „Френк Запа“, „Нил Армстронг“, „Мизар“ и „Медена земја“. Но, меѓу предложените имиња има и такви кои предизвикуваат нови контроверзии. Само како пример може да се наведе името на Али-паша Тепелена (Јанински), одметнатиот паша на Османлиското Царство, под чија команда во 1788 година е извршен геноцидот над Власите во Москополе. Али-паша е сметан за херојска личност во албанската историја, но без да се влегува во понатамошна расправа, не треба да нè зачуди доколку претставниците на влашките организации се најдат навредени од новото име на една од скопските улици.

Сепак, сметам дека главна тема е враќањето на старите имиња на улиците, кои претходната градска власт ги промени. Улица во скопско Дебар Маало, на која во текот на денот се испиваат безброј кафиња, се предлага повторно да се вика „Ленинова“ наместо „Аминта Трети“, а улицата во центарот на градот што до скоро го носеше името „Јордан Мијалков“ да се преименува во „Железничка“. Улицата „Филип Втори“ пак, би можела да стане „Стив Наумов“. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата „Мексичка“ наместо „Петре Пирузе“, а „Борис Сарафов“ пак ќе стане „4 Јули“. Самиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, нагласи дека со тоа ќе било извршено неговото предизборно ветување.

Треба да се напомене дека имињата на овие улици беа менувани кога со Скопје, но и со поголемиот дел од општини во главниот град, управуваа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Во напливот на антиквизацијата и прекумерниот патриотизам, почна менувањето на „генетскиот код“ на градот. Партизаните и комунистите беа заменети со античките кралеви и револуционерите со сомнителни биографии. Оттогаш поминаа повеќе од 10 години, време кое според мене е попусто загубено. Наместо енергијата да се троши на предлози за нови сообраќајници, модернизација на јавниот превоз, еколошки мерки, планирање нови зелени површини и модел со кој ќе му се стави крај на неконтролираното урбанизирање на Скопје, ние постојано се расправаме за тоа кое име на која улица треба да стои.

Да не бидам погрешно разбран, враќањето на старите имиња го сметам за разумна одлука, но мислам дека на една несуштинска работа се троши премногу време и ресурси.

Затоа предлагам една од поголемите улици во градот да го добие името „Изгубено време“, како совет и предупредување до секој иден градоначалник на градот кој најмногу го сакам, да не губи време на празни муабети и да се фати со суштинските потреби на градот, кој под силните чекори на луѓето избрани и платени да го управуваат, еден ден би можел да клапне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот