Украина пука од тешка артилерија и на другиот фронт – во војната со корупцијата

Фото Слободен печат/ Профимедиа

Војната на овој фронт мора да се води решително и темелно, поради тоа што искоренувањето на корупцијата е главниот услов од западните партнери на Киев за десетиците милијарди долари помош и за уште многу повеќе милијарди што ќе бидат потребни за обнова на земјата кога војната некој ден ќе заврши

Во време кога целото светско внимание е фокусирано на војната на Украина против рускиот агресор и на нејзините напори да обезбеди доволно струја, вода и греење за граѓаните изложени на секојдневно бомбардирање на енергетската инфраструктура, сојузниците бараат од Киев жестоко да се бори и во војната против другиот непријател – корупцијата – за да може да се приближи до западните организации, пред сѐ на Европската Унија.

Анализи на долгогодишни истраги покажуваат дека украинските власти даваат жесток отпор и на фронтот против внатрешниот непријател, вткаен во сите нивоа во општеството.

Украинските граѓани, на пример, во годините пред војната ја натплатиле потрошената струја за 1 милијарда долари. Во 2020 година била запрена истрага за злоупотреба на 350 милиони долари од нафтена компанија во државна сопственост. Војната со корупцијата продолжува и во периодот кога Украина се бори за егзистенција. Во почетокот на декември е покренат процес против поранешен директор на државна банка осомничен за злоупотреба на 5 милиони долари.

– Секоја недела се отвораат по еден или по два големи случаи, а има и по уште седум или осум што се помали, но сепак се важни – за Ројтерс објаснува правниот експерт Вадим Валко, кој надгледува како антикорупциските агенции во Киев напредуваат во војната против олигарсите и ги зајакнуваат ранливите институции.

Украински експерти и функционери тврдат дека војната против организираниот криминал се смета за многу битна, поради што дури и во услови на војна со многу пореален и помоќен непријател не се заборава и на внатрешниот, за да може опшеството да функционира кога е најпотребно. Киев издвојува значителни средства и напори за борбата против корупцијата. Антикорупциските агенции секојдневно изготвуваат извештаи, кои редовно се објавуваат преку медиумите.

Украинска хривна/ Фото: designer491 / Alamy / Alamy / Profimedia

Само во ноември биле отворени истраги за 44 нови кривични дела, биле објавени 17 потерници по осомничени лица и пред шест обвиненија биле предадени на суд. Во текот на оваа година, од која само во првите 55 дена Украина не беше во отворена војна со Русија, во земјата биле објавени 109 обвиненија и биле задвижени 42 случаи, објави Канцеларијата на специјалниот обвинител за антикорупција (САПО).

Услов за помош

Антикорупционерите објаснуваат дека војната на овој фронт мора да се води решително и темелно, поради тоа што искоренувањето на корупцијата е главниот услов од западните партнери на Киев за десетиците милијарди долари помош и за уште многу повеќе милијарди што ќе бидат потребни за обнова на земјата кога војната некој ден ќе заврши. Победата против корупцијата е битна и за безбедноста, бидејќи како евентуална членка на Европската Унија Украина ќе биде многу поотпорна на можни нови закани од Русија во иднина. А, на патот кон ЕУ, искоренувањето на корупцијата е главниот предизвик.

– Неверојатно важно за Украина е да демонстрира дека е сигурен партнер, во кој може да се има доверба. Украина практично сега води две војни во исто време, отворена војна со

Русија и уште една војна со своето постсоветско корумпирано минато – објаснува Јарослав Јурчишин, потпретседател на парламентарниот комитет за антикорупциска политика.

Претседателот Володимир Зеленски пред неколку недели потврди дека Украина има сили да се соочи со двата моќни непријатели во исто време.

– Приказната за реформите продолжува, дури и во време кога се соочуваме со ваков тип војна – изјави Зеленски во едно од редовните обраќања до јавноста.

Руската воена инвазија на 24 февруари остави последица и врз внатрешните битки во Украина, но тие беа обновени неколку месеци подоцна, кога беше назначен нов директор на антикорупциската канцеларија. Претседателот Зеленски по итна постапка го назначи новиот директор Олександр Клименко, откако надлежниот комитет година и пол расправаше без успех.

– Без авторитетен шеф на таква институција, невозможно е таа да функционира авторитетно – порача Зеленски.

Зеленски / Фото EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE

„Генералка“ во фиоките

Новоназначениот „генерал“ Клименко итно почна да дејствува како командант. Беа отворени случаи што со месеци или со години собирале прав по фиоките, а почнале истраги за уште многу нови случаи. Во септември САПО објави дека по наредба од Клименко конечно е отворен случајот за „грабежот“ на корисниците на електрична енергија. Овој случај две години беше отворан и затворан поради разни процедурални грешки. Новиот шеф објави дека обвинителите што го воделе случајот не биле доволно темелни и на нивно место постави нов тим, кој ја продлабочи истрагата против најмалку 15 осомничени лица – поранешни и актуелни функционери. Веќе во октомври беше проширен и објавен списокот со осомничени лица.

Во септември беше отворен случај и за грабеж на 350 милиони долари од државната нафтена компанија. САПО објави обвиненија против осум лица, за кои две години се чекало да биде удрен печат.

Што се однесува до новите истраги, во октомври е отворен и случај против поранешен даночен функционер, осомничен дека примил мито од повеќе од 20 милиони долари.

САПО одбива да наведува детали за предметите на кои работи, истакнувајќи само дека заедно со Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) разгледува 693 случаи.

Украина знаме / Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Специјалниот одред обвинители добива финансиска поддршка од САД, како дел од огромната помош од десетиците милијарди долари за Украина.

– Ние сме активно соработуваме со украинските власти за да обезбедиме одговорност, дури и во услови на војна – изјави портпарол на Стејт департментот.

САД главно ѝ испраќаат оружје и муниција на Украина, но издвоија и десетици милијарди долари за обнова на инфраструктурата и за функционирање на државниот апарат. Претседателот Џо Бајден вети дека САД ќе издвојат уште повеќе од 40 милијарди долари за Киев, а по крајот на војната ќе бидат потребни стотици милијарди долари за обнова на Украина. Ако властите потклекнат во борбата со корупцијата, тие милијарди ќе бидат доведени во прашање.

Бајден и Зеленски/ Фото EyePress News / Newscom / Profimedia

Гувернерот на Централната банка Андриј Пишни изјави дека очекува уште 18 милијарди долари поддршка од Европската Унија и 10 милијарди долари од САД како итна помош за буџетот.

Големи очекувања

Главните агенции – САПО и НАБУ – беа формирани во 2015 година, кога по револуцијата „Мајдан“ новото раководство во Киев настојуваше да ја престрои Украина кон правец на западните демократски вредности. Антикорупцискиот суд беше отворен во 2019 година и заедно со двете агенции е „Генералштабот“ на битката со организираниот криминал. Во институциите се ангажирани најдобрите професионалци и тие се одлично платени – обвинителите добиваат по 2.500 долари месечно, или шест украински просечни плати.

Таквата организација придонесува агенциите да бидат попродуктивни во услови на руска агресија отколку што беа во времето на „немирен мир“. Олена Шчербан од Антикорупцискиот акциски центар тврди дека обвинителите добро знаат дека западните набљудувачи будно го следат секој нивен чекор.

– Професионалната работа на нашите антикорупциски институции се гаранција дека парите од западните донатори нема да бидат украдени – вели Катерина Бутко, граѓанска активистка што е ангажирана во комитет на САПО.

Работата на антикорупционерите ја следат и Украинците, со надеж дека по победата во војната со Русија ќе може да биде обновена и инфраструктурата и целиот систем. Истражување сорпведено во октомври покажа дека 88 отсто од Украинците се убедени дека нивната земја ќе биде просперитетна по десет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот