Учесниците во завршницата на кошаркарскиот Куп ветуваат максимална борба за трофејот

фото слободен печат

Претстојниот викенд во салата СРЦ „Кале“ ќе се одржи завршницата во машкиот кошаркарски турнир од Купот кој од годинава ќе го носи името на легендата на македонската кошарка, Благоја Георгиевски – Буштур.
На завршниот турнир ќе настапат најдобрите осум екипи, Пелистер, Навико ФМП Академија, Работнички, ТФТ, Еуро Никел, Гостивар, МЗТ Скопје  Куманово.
Стартот на завршниот турнир ќе биде во петок со натпреварот Пелистер и Навико ФМП Академија (12 часот), потоа ќе следуваат дуелите помеѓу Работнички – ТФТ (14.30), Еуро Никел – Гостивар (17) и МЗТ Скопје – Куманово (19.30). Во сабота ќе се играат полфиналните пресметки, додека финалето е закажано за в недела. Победникот ќе биде прв освојувач на Купот кој ќе го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски – Буштур.

– Изминатиот период беше тежок за македонската кошарка, во кој загубивме многу видни имиња кои оставиле белег, но меѓу нив еден се издвојува, а тоа е големиот играч, тренер, спортски работник и пред сѐ човек – Благоја Георгиевски-Буштур. Поради тоа едногласно решивме во иднина Купот на Македонија да го носи неговото име, со цел новите генерации да го следат неговиот пример.Се надеваме на квалитетна кошаркар и дека најдобриот ќе го однесе победничкиот пехар дома. Пред сѐ да биде фер и коректно – вели спортскиот директор на КФСМ, Тодор Чечевски.

Турнирот го отвораат екипите на Пелистер и Навико ФМП Академија.
– Големо задоволство е да се биде дел од завршницата од Купот. Добро е што оваа година сезоната се игра. Спортски Очекувам неизвесна завршница во Купот, ова е едно од најизедначените првенства и така очекувам да биде и сега – изјави Јован Христовски, спортскиот директор на Пелистер.
–  Ние сме дебитанти на завршницата и тоа е задоволство. Играме против најголемиот фаворит, тоа е единствена екипа која во регуларниот дел не надигра. Но, ова е куп натпревар каде нема поправен. Ако во тој натпревар го исконтролираме скокот и ја спреиме нивната транзиција може да изненадиме – смета тренерот на Навико ФМП Академија, Александар Петровиќ.

Голема неизвесност се очекува и во второто четвртфинале во кое се среќаат скопските ривали Работнички и ТФТ.
– Најважно е што во вакво време полека одиме кон крајот. На ред е Купот, имавме згуснат распоред со многу натпревари но, Работнички е име и клуб кој секогаш атакува на трофеи. Размислуваме само за следниот натпревар со ТФТ. Доколку го поминеме потоа ќе мислиме на следниот ривал. Во Купот можни се изненадувања, лигата е изедначена, со ТФТ имаме скор 1:1, поради мислиме само на тој меч – вели Димитар Мираковски, тренерот на Работнички.

– За нашиот клуб кој има кратка историја, во третата година од постоењето да се најде на завршниот турнир од Купот на Македонија е чест да се биде во ова друштво. Работнички е бренд во македонската кошарка со големо искуство, додека кај нас најголемиот дел од играчите првпат се наоѓаат во ваква ситуација – вели тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.

Капитенот на Гостивар, Александар Костовски иако за противник го имаат незгодниот Еуро Никел, се надева дека неговиот тим ќе игра и во сабота и во недела.
– Знете дека имавме две убедиви победи против Еуро Никел, но искуството од Купот ни покажува дека тоа не значи ништо .Се подготвуваме за сите детали кои треба да ни ја донесат победата и се надевам дека ќе играме во сабота и недела – смета Костовски.

Големи возбудувања се очекуваат на последниот четртфинален натпревар помеѓу МЗТ Скопје и Гостивар.
– Нашиот фокус е само Куманово. Видовме пред неполна недела дека тоа е енергична екипа која може да игра со секого и тоа го покажаа во нашата сала. МЗТ има обврска да атакува на секоја титула, но главниот фокус ни е само на Куманово. Искрено верувам во квалитетот на нашите играчи, имаме шест ререзентативци и неколку странци со висок квалитет и со право ја носиме фаворитската улога која воедно е и задоволство и товар. Очекувам ние во недела да го кренеме пехарот – изјави Дарко Радуловиќ, тренерот на МЗТ Скопје.

– Ветувам дека ќе ја вложиме целата енергија, а ако тоа биде доволно, ќе биде супер. Се надевам на успех – вели Александар Андрејевиќ, капитен на Куманово.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот