Три клучни измени во францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ

Лидерите на земјите од ЕУ и Западен Балкан на самит во Брисел. 23 јуни 2022 г. / фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Новиот, компромисен француски предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и почеток на преговорите за членство меѓу С. Македонија и Европската унија, содржи три клучни измени, објави Телма, цитирајќи од документот, кој денеска, на последниот ден од француското претседателство со ЕУ, пристигна во македонската Влада.

Првата е модификација на терминологијата околу одржувањето на Првата меѓувладина конференција – со новата терминологија, официјалниот почеток на преговорите би бил со Првата меѓувладина конференција, а останатите измени се однесуваат на повторно извлекување на историските прашања и т.н. Протоколи од Меѓувладините конференции, предвидени со Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Овие протоколи или заклучоци повеќе не би биле дел од Преговарачката рамка, како што стоеше во првичниот нацрт – предлог на француското претседателство.

Формулацијата околу јазикот останува – македонски, со унилатерални изјави од Бугарија и Македонија, кои инаку немаат формално- правна тежина на обременување на самата Преговарачка рамка.

С. Македонија ја прифаќа обврската за промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, до отворањето на првиот преговарачки кластер.

Пред формалното отворање на преговорите, доколку модифицираниот предлог биде прифатен од македонска страна, ќе треба да се потпише вториот Протокол од Меѓувладината конференција меѓу Македонија и Бугарија. За таа цел, деновиве, а не е исклучено уште утре, во Скопје ќе допатува бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, пишува Телма.

Засега нема официјална потврда на овие информации од македонските власти, додека во Бугарија веќе се лиферуваат детали, со сосема поинаков контекст.

Видео на денот