Тргна ли Филипче, по стапките на Тодоров?

Откако десетина дена во медиумите е актуелна темата со пропаѓање на проектот за детската кардиохирургија, министерот за здравство Венко Филипче и денеска ја пропушти шансата да ја увери јавноста дека заминувањето на кадриохирургот Владмир Чадиковски и тимот кој ги работеше кардиохируршките операции кај бебињата со вродени срцеви мани од клиниката „Жан Митрев“ нема негативно да се одрази на третманот на овие деца.

Имено, денеска министерот првпат се појави на некој настан по користењето на годишниот одмор и  ја посети Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар поради ставање во употреба на нов апарат за ултразвук. Но на настанот не беа поканети новинари, туку само се објави соопштение со фотографија на страната на министерството.

Се поставува прашањето, дали Филипче намерно ги избегна новинарите, бидејќи беше свесен дека ќе се соочи со прашања за детската кардиохирургија.

Инаку, практиката да се избегнуваат новинарите ја применуваше и неговиот претходник Никола Тодоров. Тој кога сакаше да ги избегне незгодните прашања, а сепак да се пофали за некоја новина, најавата за настанот ја праќаше 5 до 10 минути пред неговото одржување, за да не може да се стигне. Навреме беа информирани само „подобните“ медиуми кои како статисти ќе го пренесеа тоа што тој имаше да го каже.

Од кабинетот на Филипче велат дека не планирале настан, туку само биле во посета на клиниката и тогаш процениле дека е добро сепак со јавноста да се сподели информација за новиот апарат.

Останува да видиме дали Филипче ќе свика прес-коференција на која ќе одговори на неодговорените прашања поврзани со детската кардиохиргија како што беше онаа прес-конференција на која го најави спојувањето на тимот од Клиниката за детска хирургија и „Жан Митрев“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот