Третото место – и многу и малку

Фото: Благоја Георгиевски/Слободен печат

Дали треба да се радуваме на третото место на квалификациите за фудбалското ЕП 2020? Секако треба, зашто македонската репрезентација во 13 учества на европски квалификации, никогаш не била толку високо пласирана. Одиме напред и тоа не може да биде лошо.

Но, дали можеше и подобро? Оваа генерација со среќата на нејзина страна можеше да го направи и тој историски исчекор, да се пласира на завршницата на едно ЕП. Сепак, нашата квалификациска група беше далеку од лесна и пласманот на третото место е реален одраз на нашиот квалитет, спореден со квалитетот на другите тимови. Но во исто време и малку за сонот да стане стварност. Останавме на пет бода негатива зад второпласираната Австрија и со дури 11 бода помалку од првопласираната Полска, двата тима од нашата група што се пласираа на ЕП.

Селекторот Игор Ангеловски по завршувањето на квалификациите истакна дека третото место навистина е историско, но дека тој не е задоволен. Оваа генерација може и повеќе и затоа нема место за задоволство. Пласман на ЕП нема и затоа нема и некое претерано задоволство кај Ангеловски ни кај репрезентативците, иако, вкупно земено, тие не разочараа.

Но, настапот на македонскиот тим на овие квалификации и освоеното трето место кое дојде по победата во последното коло против Израел, може да се нарече успех поради две работи.

Прво, им дава кураж на репрезентативците пред натпреварите во Лигата на нациите напролет, кога ќе ја имаме втората шанса да го оствариме тој со генерации толку посакуван пласман на завршницата на едно големо фудбалско натпреварување. Од изјавите на репрезентативците по мечот со Израел се гледа дека желбата во тимот е голема и вистинска. Присутна е и свеста дека овој тим може да го направи тој голем чекор – пласман на ЕП. За тим како нашиот, кој нема никакво искуство од големи натпреварувања, тоа сознание, пред клучниот меч со Косово, е многу значајно.

Второ, селекторот Ангеловски, малку плански, а малку и поради околностите, во текот на циклусот вклучи млади сили во репрезентацијата. Горан Пандев сè уште е прва виолина во тимот, но младиот Елиф Елмас се наметнува како нов лидер. Тој заедно со уште неколкумина млади играчи покажа дека оваа досега најуспешна верзија на македонската фудбалска репрезентација има потенцијал за поуспешна иднина и дека можеме да очекуваме позитивниот тренд да продолжи.

Мечот со Косово во Лигата на нациите напролет, кој за нас ќе биде уште една шанса за пласман на ЕП 2020, ќе покаже многу што се однесува до потенцијалот на овој наш национален тим. Ако момците на Ангеловски одговорат достојно на притисокот што неизбежно ќе го следи тој меч, ако ја минат таа пречка, тогаш навистина сонот е реално близу до остварување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот