Тренерот на МЗТ, Николиќ: Важно е за АБА лигата да има клуб од Македонија

фото: MZT Skopje Aerodrom/Danail Petrovic

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија на вечерашното гостување кај Партизан (67:120), што беше втор по ред дуел за нив против евролигашки екипи, кои со квалитетот ептен отскокнуваат од останатиот дел од АБА-лигата.

Покрај поразот, нови проблеми доаѓаат за македонскиот шампион. Деандре Кук кој во судир со Ален Смаилагиќ остана да лежи на паркетот и првичните информации од Белград велат дека тој ќе паузира еден месец, откако го измести рамето и ги истегна лигаментите на овој дел од телото.

Тренерот на МЗТ, Драган Николиќ по натпреварот ја истакна разликата меѓу вечните белградски ривали и останатите тимови во натпреварувањето.

– Нема повеќе да имаме ривали како Црвена звезда и Партизан. Прашањето е колку се квалитетни и силни, а прашање е колку на нас ни е потребно. Дали е можеби подобро ние останатите да се бориме за да заслужиме да играме против два такви ривали со такви имиња и на теренот и на клупите. Мојот колега Влада Јовановиќ ми рече дека тоа е реалноста во овој момент – рече Николиќ.

Воедно стратегот на „металците“ порача дека МЗТ е голем клуб, дека беше свесен кога дојде во Скопје каква задача го чека, но и дека за АБА лигата е важно да има претставник на Македонија во регионалното натпреварување.

– Жал ми е што престанавме да играме по повредата на Деандре Кук, само размислувавме за тоа. Се прашуваше Партизан, најдобрата шутерска екипа во лигата, која знае да казни многу посилни ривали од нас. Тие шутираа за три 13/17. Не треба толку да зборувам за пофалби, доволно кажаа денеска за себе. МЗТ загуби со преголема разлика, повредата на Кук ни го одвлече вниманието, но ќе биде подобро – се зборовите на Николиќ.

Следен меч за аеродромци во јадранската елита е дуелот на домашен терен против Будуќност, закажан веќе за в сабота во „Јане Сандански“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот