Трамп од нашето маало

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Кога политиката ќе стане култура – кога политичките конфронтации ќе се станат доминантно вредносно обележје во една заедница – тогаш граѓанската војна станува само прашање на стек на околности и на несреќна шанса.

Тоа е така бидејќи таквите општества не се поларизираат само по рационалната линија на спротивставените политички понуди, туку пред сè во сферата на емотивните, вредносни линии на поделби, кои тешко се контролираат, а лесно се манипулираат и брзо се разгоруваат.

Тогаш не е повеќе важно кој е, фактички, во право и чии аргументи се подобри; туку дали тој што зборува е „наш“ или „нивен“. (За полесно разбирање, одгледајте само едно издание на, на пример, претенциозно насловената „Само вистина“ на Канал 5…)

Тогаш разликите стануваат радикални и рационално непремостливи. Политичкиот опонент не е само некој со различно мислење, туку е зол непријател и предавник на вредностите на „мојата“ заедница. Тој не треба политички да се порази во нормален демократски изборен натпревар (или во ТВ-дебата!), туку треба да се елиминира, да се поништи, да се истреби.

Тоа е веќе состојба на необјавена граѓанска војна, а прашањето за тоа кога ќе се употреби и оружјето, е само техничко, практично прашање. Прашање на несреќна шанса и стек на околности.

Трамп не лаже кога вели дека победил на изборите во САД. Бидејќи тој има мнозинство од освоените гласови на изборите во САД во онаа Америка како што тој ја разбира: како земја на некогашното мнозинство од бело население, главно без повисоко образование и со превладувачко рурално место на живеење, во кое средовечните бели мажи раководат со општеството, на кои им е отежнато обезбедувањето (да, со напорна и чесна работа) на пристоен живот за своите жени и семејства, во која се јадат хамбургери и големи говедски кременадли, во која поседувањето автоматско оружје е свето граѓанско право, во која правата на жените (понекогаш) се разговараат доцна навечер кога децата се легнати, а сексот се практикува само меѓу двата различни пола.

Тоа е евангелистичката Америка што полека исчезнува, но на која Трамп потроши четири години од својот претседателски мандат за да ја направи “great again” – во таквата Америка, Трамп, навистина, победи на изборите!

За таа Америка Трамп е „морална и патриотска планина“, човекот кој имаше храброст да го предизвика „статус-квото“ на либералната демократија и да почне да го „суши мочуриштето“ на вашингтонската владејачка елита.

И дотолку полошо за „другата“, реална, мнозинска Америка – онаа мултирасна, мултиетничка, мултикултурна, мултисексуална и тн. – која објективно постои вон убедувањата на „трампизмот“. Која за Трамп мисли, а презентираше и бројни докази, дека е роден лажго, автократ, мизоген, расист, криминалец по бројни законски основи и тн.

Но, тоа различно разбирање на реалноста веќе не е политичко, туку прашање на, велам, културата што ја произведе (добро, можеби и само опортунистички се „налепи“ на неа) Трамп во својот лојална база на поддржувачи. Еден значаен дел од нив се подготвени (а и добро вооружени!), да ја бранат „вистината“ на Трамп за неспорната победа во „нивната“ Америка.

Затоа, Трамп нема намера – како што, загрижено и подуплашено, се надеваат голем број на коментатори – да ги пребројува гласовите на неодамна завршените избори во САД, за да ја провери легитимноста на изборната победа на Бајден. Тој има намера да остане на власт, по секоја цена, во што пребројувањето на гласовите е само купување време додека не се изгради некаков маневарски простор, механизам – на пример, „правно“ поништување на изборите од страна на Врховниот суд на САД, во кој тој има мнозинство од 6-3 на седечките судии на своја страна – што ќе му овозможи изговор за ненапуштање на власта.

Но, гледате, во Вашингтон нема „американски амбасадор“ кој би му кренал телефон на Трамп за да го предупреди дека, доколку не го прифати резултатот од демократските избори, во перспектива, на пример, нема да му биде дозволено ни бегство во Будимпешта. Напротив, и републиканските партиски првенци се скриени како глувци во плевна, мизерно калкулирајќи со своите политички кариери доколку зад сцената, а не пак јавно, му се спротивстават на претседателот.

Во Америка, по 200 години демократија, веќе нема ни демократски институции за кои може со сигурност да се тврди дека имаат волја, а потоа и капацитет, решително да му се спротивстават на Трамп. Дотолку повеќе што Трамп е претседател со сите овластувања до почетокот на јануари – па, штотуку го (цитирам) „елиминира“ својот министер за одбрана заради непристојни барања што овој ги одбил, а за што веројатно ќе читаме во некои идни бестселер мемоари…

Што сакам да кажам?

Сакам да кажам дека треба да се подготвиме за „револт на популистите“, предводени од Трамп, кој може да заврши со насилен упад во Конгресот, со развеани американски знамиња, со оперетско пеење патриотски песни, со многу оружје и цивили со маски и во маскирни униформи, со тепање на таму затечените конгресмени, сенатори и „фејк-њуз-новинари“… Трамп ќе произведе криза, ако треба и безбедносна, за да преговара за своето останување на власт, во името на „Америка“ за чијшто победнички претседател, искрено, се прогласи.

Не велам дека ќе му успее. Но, не се залажувајте дека нема да се обиде.

Господ да ја чува Америка! (Ако можат да се договорат „кому му припаѓа“ тој Господ…)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот