Тетовското јаболко пред исчезнување, наместо да ги кројат овоштарите ги корнат јаболковите насади

Фото: Зоран Димовски

Тетовските земјоделски производи далеку познати во земјите од поранешна Југославија полека исчезнуваат.

Сѐ помалку нивите се засадуваат со тетовски грав, а познатиот тетовски бренд јаболкото сè поретко го има во овоштарниците.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Селото Брвеница кадешто живеат над 1.000 семејства порано егзистираше од овој производ, а сега тетовскотo јаболко мештаните го одгледуваат колку за себе.

Велат дека не им се исплаќа да го одгледуваат овој производ, оти за него, како и за многу други земјоделски производи нема откуп, а препаратите годинава се прескапи.

Драголуб Зафировски од Брвеница порано на своите ниви имал засадено над 5 декари со јаболкови насади. Но, од година в годиина тој ги корне, а сега има јаболка само на околу 2 декари.

– Иста е и ситуацијата со моите соселани, вели тој.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

За „Слободен печат“ раскажува дека тој, како и многу други овоштари наместо да ги кројат јаболковите насади, сè почесто се одлучуваат да ги корнат.

– Со јаболката во Брвеница состојбата е катастрофална. Како што вели народот, јаболка не можеш да најдеш ниту за лек. Порано од Русија и од Србија доаѓаа шлепери и ни ги откупуваа јаболката. Не ни даваа некоја висока цена, но барем имаше откуп, сега немаме никаков откуп. Колку сакаш труди се преку цела година, троши за препаратим па и на позитивна нула да бидеш, ако немаш откуп бадијала е сè. Проблем имаме и со климатските промени. Знае некогаш наутро да има ниски температури и да се уништи јаболката. Тука нас никој не не есапи, сосема сме заборавени од властите и од овие и од претходните, вели Зафировски.

Тој и неговите соселани се надевале дека со проектот „Јаболко за секое дете“ којшто го реализираше Владата, а чија цел беше да се промовира здравата исхрана ќе се земе предвид и тетовското јаболко.

– Тука кај нас никој никој не дојде да праша какви проблеми имаме, а камоли да ги откупи јаболката за тој владин проект, вели Зафировски.

Дека ги нема јаболката од тетовско говори и сликата од тетовскиот зелен пазар каде најчесто се продаваат јаболка откупена од Преспа. Земјоделците велат дека на пазарот продаваат сè и сешто, имаат и нивни производи, но јаболката не се од нивните овоштарници.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

– Порано продававме наши тетовски јаболка коишто ги произведувавме, но сега не се исплаќа, скапи се препаратите и не знаеме дали ќе ги  продадеме. Вака е подобро, ќе земеме до дваесетина килограми ресенски јаболка и ако не се продадат ќе ги искористиме ние, односно нашите семејства. Жално е тоа што на тетовскиот пазар се продава ресенско јаболко при нашиот бренд – тетовско јаболко, но уште пожално е што се носат јаболка од Албанија и Турција и се продаваат тука на тетовскиот пазар, вели еден земјоделец од тетовското село Седларце.

Ситуацијата и со ресенското јаболко не е „розова“

Ресенските производители на јаболко годинава, очекувајќи повисоки цени, ги оставија јаболката во магацините и ладилниците. За жал, првичните цени од 23 денари по килограм за „ајдаретот“ наместо да растат паднаа само на 15 денари.

И овојпат се покажа дека домашниот есап на пазар не излегува. Првичната цена од 23 денари сега ресенчани ја бараат, но за жал, трговците не ја нудат.

Инаку, откако преспанските јаболкари ги изгубија пазарите во соседството и регионот, најголемите количини на јаболка годинава беа извезени во Косово.

– Дел беа продадени во Бугарија и Грција, велат ресенските производители на јаболка.

Во Ресен производството на јаболко е драстично намалено. Делумно поради намалените цени, а делумно поради штетите што ги претрпеа од невремето проследено со град кое во неколку наврати ги погоди ресенските производители.

Јаболкото кое исчезнува повод за политички обвинувања

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски при неодамнешната работна посета на Ресен каде што имаше средба со задругите и земјоделците од ресенскиот регион разговараше за актуелните состојби во овоштарството.

– Денеска имаме една катастрофална ситуација со делот на производството на овошни култури од овој регион, а тоа го говорат и сите статистички податоци кои што се официјални од министерството, државниот завод за статистика и од платежната агенција. Она што сакам да го потенцирам како споредба на 2018 година со 2022 година, секоја година имаме намалување на површините под јаболков насад за околу 350 хектари на годишно ниво што е едно сериозно намалување. Оваа бројка го потврдува и намалувањето на производството на јаболко од овој регион. Ако во 2017-2018 година сме имале производство на над 230 илјади тони јаболка, 2022 година производството било околу 90 илјади тони јаболка. Од нив најголем дел беа откупени како индустриски јаболка што нанесе сериозна штета врз земјоделците од овој регион, изјави Трипуновски.

Овој регион кој што е познат по производството на квалитетно македонско јаболко од година во година се намалува поради тоа што власта и министерството немаат слух за проблемите и сите оние мерки и програми кои што ги креира или се со тотално промашување, или се со задоцнување, или немаат никаков реален ефект, дополни Трифуновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот