Телефоните на „Хело пост“ не ѕвонат, корисниците загрижени за пратките

Корисниците на „Хелло пост“ загрижени за пратките/Фото: Хелло пост

Од Агенцијата за пошти велат дека од компанијата им било кажано дека се подготвуваат за одредени промени, за кои навремено и писмено ќе ја известат

Компанијата „Хелло пост“ работи веќе 9 години, но деновиве граѓаните што доставиле пратки, се загрижиле што се случува со компанијата затоа што не можеле да остварат конекција со компанијата за да видат до каде им е пратката. Телефоните што се наведени на официјалната страница на компанијата, и додека се пишуваат овие редови, не се во функција.

Од Агенцијата за пошти, за „Слободен печат“ потврдија дека и до нив стигнале поплаки од корисниците на поштенските услуги на „Хелло пост“, но дека потоа добиле известување дека е решен проблемот. Сепак, од Агенцијата стапиле во контакт со компанијата од каде што им било кажано дека „се подготвуваат за одредени промени за кои навремено и писмено ќе ја известат Агенцијата за пошти“.

– Во средата, во Агенцијата се обратија двајца корисници на поштенските услуги на „Хелло пост“  ДООЕЛ Скопје, кои нотираа дека не можеле да остварат комуникација со давателот на услуги и да добијат податок за статусот на одредени пратки, но во четвртокот Агенцијата е известена дека е остварен контакт со „Хелло пост“ и дека се добиени бараните информации за пратките – велат од Агенцијата.

Агенцијата ги потсетува корисниците на поштенски услуги доколку имаат забелешки за доставата на нивните пратки, да го искористат законското право за поднесување рекламација до давателите на поштенски услуги, кои во рок од 30 дена се должни да одговорат по поднесените рекламации.

„Хелло пост“, како што велат од Агенцијата,  е лиценциран давател на поштенски услуги на целата територија на државата. Од Агенцијата потенцираат и дека до нив не е доставена нотификација за промена или престанок со обезбедувањето на поштенските услуги.

– Доколку од страна на давателите се достави вакво известување за престанување со обезбедување поштенски услуги, Агенцијата за пошти тоа го констатира само со бришење на податоците за давателот на поштенски услуги од службената евиденција без одложување, а најдоцна во рок од седум дена од приемот на нотификацијата за престанок – велат од Агенцијата.

„Слободен печат“ испрати имејл на електронската адреса што е официјално објавена на веб-страницата на „Хелло пост“ и побара објаснување за тоа што се случува со компанијата, но одговор не добивме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот