Талибанците сакаат да ја претстават новата авганистанска влада на Генералното собрание на ОН

Потпаролот на талибанците, Забихула Муџахид/Фото EPA-EFE/STRINGER

По преземањето на власта во Авганистан, талибанците сакаат да се обратат на Генералното собрание на Обединетите нации и да ја претставуваат земјата на државната сцена.

Во писмото до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки побарал право на говор на 76-то Генерално собрание на ОН, што се одржува оваа недела, пренесува Би-Би-Си.

Според ОН, писмото е испратено од Министерството за надворешни работи на „Исламскиот емират на Авганистан“ до седиштето на ОН во Њујорк.

Во тоа писмо, талибанците објаснуваат дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани е „соборен“ и дека нивната земја повеќе не го признава за претседател.

Талибанското писмо, исто така, наведува дека групата сака да го смени авганистанскиот претставник во ОН и да назначи свој човек, Сухаил Шахин.

Секретаријатот на ОН го проследи писмото до Комитетот за акредитиви за разгледување

Тие објаснуваат дека актуелниот постојан претставник за Авганистан во ОН, Гулам Исакаи, повеќе не ја претставува земјата и дека неговата мисија е завршена.

За САД, Германија и другите земји, талибанците се де факто влада во Авганистан, но тие се уште не ги признаваат како легитимна влада. Секретаријатот на ОН го проследи писмото до Комитетот за акредитиви за разгледување.

Комитетот е составен од претставници од девет земји – САД, Русија, Кина, Шведска, Намибија, Бахамите, Бутан, Сиера Леоне и Чиле – и одлучува кои претставници, а со тоа и кои шефови на држави, ќе бидат признати од ОН, рече портпаролот на ОН Фархан Хак.

„ОН не ги признаваат владите, туку земјите -членки го прават тоа“, објасни тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот