Светските моќници го потценија коронавирусот и сега се соочуваат со последиците

Сега на ред се светските супер сили да ја покажат својата моќ- и наместо со оружје пари и надмудрувања, да покажат солидарност хуманост и заедништво во сузбивањето на оваа опасна пандемија. Така ќе ја оправдаат својата моќ.

Во светот статистички гледано за 24 часа се регистрираат по околу 100 илјади ново заразени. Така денешната бројка на ниво на свет е над 700 илјади заразени 33 526 починати и 150 илјади излекувани. Во светот и натаму по бројот на починати прва е Италија која до овој момент има регистрирано 97.689 заболени и 10.779 починати од последиците на Ковид -19.

Со висока бројка на заразени и починати се Шпанија, Франција, Британија, Германија и останатите држави членки на Европската унија. Токму светската пандемија на овој, како што се нарекува, ,невидлив непријател” ги турна на колена светските моќни држави и сојузи. Петтата економија во Европа, Италија се соочува со целосен колапс на здавствениот систем и со најава на голема економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Италијанците на многупати ја критикуваа Европската унија дека не и помага на својата држава членка во борбата со пандемијата. И Самата ЕУ се соочува со проблеми, пред се финансиски, ако се земе во предвид дека буквално сите држави членки се со растечки број на новозаразени и починати од Ковид -19 вирусот.

Лошата соработка меѓу земјите членки, во услови на пандемијата, како и најавите за голема економска криза, се почесто се коментира и меѓу самите европски политичари. Француската државна секретарка за европски работи Амелија де Монтчалин оцени дека поради пандемијата на коронавирусот под прашање се доведува опстанокот на Европската унија. Таа апелира до сите држави да покажат соработка, ефикасност и заедништво во борбата за запирање и сузбивање на пандемијата. Нејзината изјава доаѓа по реакцијата на одредени држави членки, кои побараа одредено изземање во помошта на други држави, стравувајки дека така ќе ги ослабнат ресурсите кои им се потребни за своето справување со коронавирусот. Лидерите на ЕУ во четвртокот се договорија, под притисок на Италија, која е во најтешка состојба со пандемијата на коронависуот, во следните 15 дена да разгледаат силни мерки за соочување со најавената рецесија.

И САД се со идентични проблеми, особено откако изминативе денови беа регистриран растечки број на заболени и починати лица.Во моментов во САД се регистрирани 137.000 заболени од коронавирус, а починаа повеќе од 2.400 лица. Американскиот претседател Доналд Трамп ретерираше во својот став и одлучи да ја продолжи препораката за социјално дистанцирање ширум земјата за нови 30 дена, до крајот на април. Трамп оваа мерка ја донесе откако експертите го предупредиле на опасноста од ширење на коронавирусот, како и на тоа дека пикот на бројот на жрвите на дневно ниво може да биде достигнат дури за две недели. Трамп, кој планираше да ги намали бројот на препораки барем во деловите од земјата кои се помалку погодени од пандемијата, сепак, одлучи да ја продолжи мерката за социјално дистанцирање, со што премолчено призна дека бил преголем оптимист, Препораките ќе важат и за католички Велигден, што во САД се одбележува на 12 април, до кога Трамп најавуваше дека земјата и нејзината економија повторно ќе почнат нормално да функционираат. Токму потценувачкиот однос на Трамп кон пандемијата на коронавирусот, го доведе до наггло зголемување на бројките на заразени и починати но и до неговиот рејтинг. Последните анкети укажуваат дека доколку Џо Бајден успее да ја освои демократската номинација за претседателските избори во САД, би можел да го порази Трамп.

Намалениот рејтинг на Трамп е поради загубената доверба кај Американците, кои гледајки ги изјавите и првичниот однос на Трамп, сметаат дека Бајден можеби подобро би се справил со пандемијата на Ковид -19. Во очекување на изборите, едно е сигурно – САД се во најава дека ќе бидат новото жариште на пандемијата на коронавирусот, и дека економијата влегува во рецесија.

Идентичен потценувачки однос кон коронавирусот во минатото манифестираше и Русија која до пред само една недела ја немаше со никакви информации и реакции околу глобалната пандемија. Сега Русија сооштува дека има 1.500 случаи на заболени од коронавирусот, 64 починаа, и најави дека граѓаните на Москва од денеска ќе бидат во општа самоизолација. Паралелно со ова, владата и претседателот Путин како дополнителна мерка, ја прогласија оваа недела за неработна.

И како сублимат и констатација – Светот ниту беше подготвен, ниту пак сакаше да се соочи со овој тип на проблем.

Политиката, бизнисот, доминацијата и геостратегијата ја ставија во втор план вирусот наречен Корона. Но токму тој,го оправда епитетот ,,невидлив”, и за кратко време им покажа на моќните дека се немоќни, на големите држави, недораснати.

Сега на ред се токму светските супер сили да ја покажат својата моќ, но наместо со оружје пари и надмудрувања – со солидарност хуманост и заедништво во сузбивањето на оваа опасна пандемија. Само така ќе ја оправдаат и ќе ја покажат својата моќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот