Субверзивниот фронт реагира на дел од Велигденското послание на г.г. Стефан: Место за Бога има во секој од нас и немате право тоа да ни го одземате

Своја реакција на делот од Велигденското послание од архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан насловен „Возљубени во Христа Воскреснатиот“ испрати Здружението за сексуални и родови малцинства Субверзивен фронт.

Архиепископот Стефан во своето обраќање до православните верници во тој дел истакна: „Во овој период, како народ сме исправени и пред разни предизвици, кои нè засегаат не само во денешницата, туку и особено во иднината. Беше најавен попис на населението, па поради пандемијата е одложен. Но кога и да се одржи, и како жители и како Македонци, потребно е задолжително да ја извршиме таа обврска, која ќе покаже не само колку сме, туку и каде сме, а сето тоа да се организира и да биде усогласено со меѓународните стандарди. Инаку, оставајќи им ги политичките предизвици на избраните од народот, чија задача е да служат најдобро и да ги запазат интересите на сопствениот народ, сепак не може да се молчи пред иницијативите на некои групи, кои сакаат своите определби да ги наметнат над мнозинството. Така, во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет. На овој начин е засегната не само нашата сегашност, туку и иднината, зашто децата уште од најмала возраст се насочуваат кон туѓи, несоодветни и недостојни вредности, со кои се разнебитува личноста, а кои се спротивни на светогледот на нивните родители. Предложените процеси се толку еднострани и во нашиот општествен контекст многу недоследни, па во отвореното општество за сите, нема место за етиката и моралните вредности на религиите, нема место за искуството на Црквата, нема место за Бога!“.

На ова реагираат од Субверзивен фронт и нивната реакција ја објавуваме во целост

Ви се обраќаме разочарани и загрижени, поради текстот во вашето велигденско послание, во делот „Возљубени во Христа Воскреснатиот“.

Имено, шокирани сме од начинот на кој МПЦ, која почива на толерантност, духовност, човекољубивост, и би требало да го обединува народот, гледаме како директно ги дели луѓето на „мнозинство и малцинство“. Дополнително, на верниците од малцинската група која директно ја напаѓате, и праќате порака дека е помалку вредна, и ја исклучувате и ја судите пред најголемиот христијански празник. Со тоа што ги делите верниците на повеќе вредни и помалку вредни, им го одземате правото еднакво да го чествуваат овој празник.

Понатаму, обвинувате за менување на културен и духовен идентитет, истовремено додека вашата институција ја тресат скандали, од „зградите во центар“, до „лекувањето во приватни клиники“, додека сите верници, и оние од „мнозинството“, но и тие од „помалата група“, ги губат животите во државните болници. Бараме одговор, на што вие ги насочувате децата, гледајќи ве вас, додека нивните родители, баби и дедовци, се борат за живот и умираат во државните болници. Вие, кои зборувате за вредности и земате право да судите и да ги класирате во „несоодветни и недостојни“ од кои се „разнебитувала личноста“, вложувате милионски суми во изградба на згради, иако вашиот начин на живот треба да е духовното, и откажување од материјалното.

Па додека го набљудувате народот далеку од него, сегрегирани според класи, во приватните болници и луксузните станови, зборувате за „отворено општество во кое немало место за Црквата и Бога“. Драги духовни водачи, место за Бога има во секој од нас, и немате право тоа да ни го одземате, без да живеете рамо до рамо со овој народ и да ги видите предизвиците со кои се соочува.

Ние ѝ простуваме на Црквата, бидејќи е човечки да се прости, но истовремено се надеваме, дека сите вие кои стоите позади Црквата, ќе излезете да го видите овој народ кој сака подобра, поквалитетна и побезбедна иднина, и нема да го делите, и да предизвикувате омраза, раздор или нетрпеливост врз било која основа, бидејќи иако не сме еднакви со вас, сепак, и за вас важи Кривичниот законик и членот 319.

Се надеваме дека во иднина, МПЦ нема да оди спротивно на христијанските вредности, и да ги суди граѓаните без разлика во колкава група припаѓаат, бидејќи од даноците на тој народ, вие, заедно со другите верски институции, земате пари од буџетот и добивте помош во оваа светска криза, кога голем број мали бизниси пропаднаа без да стигнат до помош од државата. На што ги насочивте тогаш децата, чии родители ги изгубија работните места, и немаа средства да им обезбедат пристоен живот, додека вие ги обезбедивте вашите плати за кои немаме ни увид колку се високи.

Со огромно разочарување од вас, ја праќаме оваа реакција, и ви посакуваме среќни празници и повеќе разбирање, кое е основа на христијанските вредности“, стои во реакцијата потпишана од Давид Тасевски, Извршен директор на Субверзивен фронт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот