Студентска дебата: Образованието да се реформира и да се прилагоди на потребите на младите

Студенти/ Фото: ЕПА

Во процесот на реформата на образованието, која е очајно потребна, треба да се вклучат и студентите. Живееме во општество во кое е многу малку важно мислењето на младите, но промената во образованието, тоа може да го смени.

Ова беше еден од главните заклучоци на денешната онлајн студентска дебата „Имам нешто да кажам за мојата иднина“, по повод 9 мај – Денот на Европа, во партнерска организација на Европското движење во Република Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Претседателката на Европското движење, Милева-Ѓуровска на дебатата посочи дека нема доволно платформи каде можат да се слушнат младите и затоа покрај оваа дебата, Европското движење наскоро ќе отвори и младинска платформа, во која студентите од оваа генерација како носители на иднината ќе можат поконкретно да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат на патот на Македонија кон Европската Унија.

Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер на дебатата ги повика младите да не бидат молчаливи, бидејќи, како што рече, демократијата не завршува кога ќе се изберат членовите на Собранието и на Владата, туку има уште многу важни работи за кои треба да се разговара секојдневно.

– Сакам да ве охрабрам да одите по овој пат во иднината зашто вие сте вашата иднина, порача Браун.

На дебатата учествуваа и педесетина студенти од повеќе универзитети во земјава.

Студентот Дејан Димитриев се фокусираше на образованието, на кое смета дека треба да се обрати големо внимание со цел да се реформира и да се прилагоди на потребите на младите.

Воспитно-образовниот систем, според него, треба да придонесе една млада личност полесно го восприема овој процес уште во најраната возраст, а потребна е и деполаризација на наставниот кадар.

– Во процесот на реформата на образованието, која е очајно потребна, треба да се вклучат и студентите, младите родители и други фактори, а не само неколку советници од МОН, бидејќи тие не се кадарни сами да го реформираат образованието, рече Димитриев.

Според студентот Јован Јанев, пак, колку ќе биде успешна иднината зависи од самите студенти, бидејќи тие треба да ги надминат проблемите што не успеале нивните родители.

– Треба да ја согледаме општествената реалност и да ја подобриме. Додека не почнеме да дејствуваме со сериозни активности како што се ваквите дебати, на кои може да се слушне нашето мислење, ќе продолжиме да се соочуваме со поделеност. Мислењето на младите ја креира иднината, рече тој.

Според него, живееме во општество во кое е многу малку важно мислењето на младите, но промената во образованието, тоа може да го смени.

Студентот Мурат Али на дебатата посочи оти не се согласува дека младите треба да ја напуштат државата, туку дека тие треба да останат тука и сами да се изборат и да го изодат патот до подобра иднина, а не да чекаат некој да им ја даде на тацна.

Со студентската дебата, всушност, почна традиционалното одбележување на Денот на Европа, што Европското движење во Северна Македонија како дел од Меѓународното европско движење го организира секоја година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот